Важно е лицата кои поминуваат низ траума да не се чувствуваат осамено, нивната болка да биде препознаена, а тие да знаат дека имаат на кого да се потпрат во процесот на закрепнување, вели психологот Тина Васков. Ефектите од колективната траума може да се појават во вид на несоница, појава на анксиозност, егзистенцијална криза, зголемена недоверба и чувство на небезбедност и немоќ, промена на системот на верување за себе и за светот, посочува клиничкиот психолог и психотерапевт Надица Скепароска-Петковска
Кочанската дискотека на смртта во кобната ноќ ни зеде 59 животи, а следниот ден уште еден. Ни остави родители, роднини, блиски во вечна тага и нација во колективна траума. Што следува по отрезнувањето дека во државата ни се случило нешто ужасно?
-Колективните трауматски искуства имаат длабоко влијание и врз индивидуите и во општеството. Многу луѓе развиваат симптоми на нарушено ментално здравје, губат доверба во институциите, системот, во другите луѓе… Трауматските настани можат да доведат до поларизација, конфликти и недоверба меѓу различни групи во општеството. Во некои случаи, може да предизвикаат социјални немири и зголемена агресија. Понекогаш водат кон редефинирање на колективниот идентитет, вели психологот Тина Васков, од центарот „Когниција“
Таа информира дека веќе почнале да работи со клиенти кои беа дел од трагичниот настан во Кочани, а свесни дека потребата од стручна помош значително ќе се зголемува, се обидуваат на различни начини да дадат придонес во справувањето со ваквата колективна траума.

Васков посочува дека помагањето на лицата по претрпена колективна траума и загуби на најблиски кои искусиле вакво ниво на интензивен стрес бара внимателен, сочувствителен и систематски пристап. Емоционалната поддршка има клучно значење и подразбира понуда на утеха без да се притиска некој да зборува ако не е подготвен за тоа, како и активно слушање со што на блиските на настраданите ќе им се дозволи да ги изразат емоциите. Вели дека треба во комуникацијата со нив да се избегнуваат фрази како „времето лечи сè“ или „барем не се мачеше“, зашто можат да звучат неутешно, а наместо тоа треба да се каже „Жал ми е за твојата загуба. Тука сум за тебе.“ Исто така треба да се почитуваат и различните начини на тагување, зашто некои плачат, некои се повлекуваат, а некои се активни, а времето потребно да помине процесот на тагување е индивидуално. Во вакви ситуации често е потребна и професионална помош од психолог или психијатар, а за многумина, религијата или традиционалните обичаи имаат значајна улога во процесот на тагување.
-Важно е лицата што поминуваат низ траума да не се чувствуваат осамено, нивната болка да биде препознаена, а тие да знаат дека имаат на кого да се потпрат во процесот на закрепнување. Итната психолошка интервенција (психолошка прва помош), во првите денови и недели по трауматичниот настан, вклучува создавање безбедна средина за афектираните лица, охрабрување за изразување на чувствата, без притисок, вклучување на блиски луѓе како поддршка, едукација за нормални реакции на траума, објаснување дека чувствата како страв, тага, бес и шок се нормални реакции, давање совети за самопомош (добар сон, исхрана, физичка активност, рутини), ограничување на пристап до потенцијално штетни информации (на пример сензационалистички вести), водење грижа за децата – објаснување на настанот на соодветен начин, вели Васков.
Долгорочната поддршка, додава таа, вклучува психотерапевтска работа со поединци или со групи за поддршка, каде што луѓето можат да споделат искуства. Исто така, неопходна е и обука за родители како да ги поддржат своите деца.
-Долгорочен мониторинг на менталното здравје е неопходен, заради голем ризик од појава на посттрауматски стрес, анксиозност, депресија и слично. Обезбедување достапност на психолошки услуги преку локални институции е од клучно значење. Најважно е, секој од своја страна да помогне во создавање на чувство на безбедност, прифаќање и поддршка за оние коишто страдаат, посочува Васков.
Клиничкиот психолог и психотерапевт Надица Скепароска-Петковска од советувалиштето „Мозаик“ објаснува дека нашиот колективен идентитет е страдалнички, со акцент на загуби и жртви и чувство на небезбедност, со мал акцент на среќата, што како што вели, го потврдуваат клиентите со кои работат во пракса.
-Ефектите од колективната траума може да се појават во вид на несоница, појава на анксиозност, егзистенцијална криза, зголемена недоверба и чувство на небезбедност и немоќ, промена на системот на верување за себе и за светот. Поединецот во општеството кога се соочува со колективна траума се обидува да најде смисла и да го контекстуализира трауматскиот настан, појаснува таа.
Семејствата кои изгубиле некој свој во ова катастрофа се во најтешка состојба, а загубата на дете е една од најтешките загуби која не се мери со ниедна друга.
-Процесот на тагување низ кој поминуваат тие овие денови има фази. Првата фаза е шок. Таа фаза е специфична кога се соочуваме со загуба, особено кога загубата доаѓа ненадејно и неочекувано. Тогаш личноста изгледа како да се однесува вообичаено, или отсутно и дистанцирано бидејќи емоциите не се сосема разработени. Следната фаза е негација. Во таа фаза постои чувство на нереалност и одбивање на реалноста и фактите поврзани со траумата, како и тешкотија да се процесира што значи загубата. Другата фаза е проследена со лутина кон себе, кон другите, кон светот и слично. Следува фазата на ценкање, кога се прашуваме дали сме направиле доволно, што можеме допрва да направиме за да биде подобро. Потоа доаѓа фаза поврзана со депресивни чувства, изолација, анксиозност и исцрпеност, во која изгледа како личноста да е презаситена и преплавена од сите силни емоции, па се повлекува. Последната фаза во процесот на тагувањето е фазата на прифаќање и барање нова надеж. Прифаќање значи соочување со тоа дека не можеме да смениме нешто околу загубата, но можеме да си го вратиме чувството на контрола врз сопствениот живот и нашите реакции, појаснува Скепароска-Петковска.

Таа додава дека фазите во процесот на тагување не одат линеарно и може да се прескокнуваат и да навраќаат назад, а процесот на тагување е индивидуален, различен кај различни луѓе и бара различно време кај секого.
-Сметам дека повеќето од нас до денес бевме во фазата на шок и негација. Треба време да се прифатат фактите и загубите. Секојдневно гледаме снимки и фотографии од блиските на починатите, каде што забележуваме дека дел од нив се во фазата на шок, а некои се во фазата на лутина. Фазата на лутина деновиве ја гледаме кај многу поединци на ова општество и таа е во вид на катарза и енергизирање за правење промени во општеството, вели Скепароска-Петковска.
(С.В.)