– Првото бојосано велигденско јајце имало особена симболика, се сметало за Господово јајце и му се припишувала заштитничка моќ. Тоа се чувало во домот, најчесто покрај икона, сè до следниот Велигден. Во некои предели од Македонија, со првото јајце домаќинката ги премачкувала децата по образите, најчесто додека спиеле или при капење, изговарајќи „црвено, бело“ или „здравоживо, јајце, добредојде“, како благослов за здравје и радост – вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР етнологот и антрополог Душица Брачиќ, која работи како демонстратор на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје
– Велигден е најголемиот и најстар христијански празник, познат како празник над празниците, кој ја симболизира победата на животот над смртта, доброто над злото и надежта над очајот. Се слави воскреснувањето на Исус Христос како најзначаен момент во христијанската вера, а му претходи великиот пост од седум недели, време, пред сè, за духовно прочистување – започнува со приказната за овој голем христијански празник етнологот и антрополог Душица Брачиќ.
Токму со неа, за весникот ВЕЧЕР, зборувавме за значењето на празникот, обичаите за Велигден и за симболиката на вапсувањето јајца.

Црвеното јајце – симбол на пожртвуваност
Бојосувањето на јајцата, особено во црвена боја, секако, има долга традиција, а за значењето на црвеното јајце Брачиќ вели: „Според верувањата, јајцето, како симбол на животот, добивало уште поголема моќ кога се боело во црвена боја – боја што ја симболизира крвта, а со тоа и самиот живот. Иако постојат различни толкувања, во македонското народно творештво се среќаваат повеќе преданија поврзани со симболиката на црвеното велигденско јајце. Во едно од нив се вели дека кога бил распнат Христос, неговата крв капела врз камчињата под крстот и тие се обоиле во црвено. Друго предание вели дека Марија, дента кога одела на гробот на Исус, носела варени јајца за да ги подели и дека тие биле обоени во црвено, како симбол на неговата крв, односно пожртвуваност. Кога дознала дека воскреснал Исус, им ги раздала јајцата на децата“.
Иако се смета дека традицијата на бојосување јајца на Велигден потекнува од првиот век од раѓањето на Христос и се смета дека традиционалното велигденско јајце е старо колку и самото христијанство, точниот почеток на прославувањето на Велигден на глобално ниво, вели Душица, е тешко да се одреди.
– Иако некои историски извори, како што посочува македонскиот фолклорист Марко Китевски, го лоцираат во вториот век, од перспектива на етнологијата и на антропологијата, фокусот е поставен помалку на „почетокот на сè“, а повеќе на значењето што го има празникот за луѓето низ времето и просторот. Овие дисциплини ја нагласуваат динамичната природа на обредните практики – како се адаптираат тие, како се трансформираат и како добиваат нови слоеви зависно од контекстот, културната средина и од историските околности во кои се прославуваат.
Велигден во регионите на Македонија
За тоа како се прославувал Велигден во различни региони на Македонија во минатото и кои биле техниките за бојосување јајца Брачиќ вели: „Прославата на Велигден не се сведува само на самиот ден (кој секогаш паѓа во недела) туку вклучува и подготвителни и обредни практики што почнуваат денови пред тоа, а траат и по празникот. Велики петок, петтиот ден од Великата недела, се смета за најстрог ден на пост и се карактеризира со особена претпазливост. Во некои региони, како Бојмија, на овој ден, на изгрејсонце се варела мешавина од пченица, јачмен, овес, пченка, просо, црвена пиперка и од црн пипер. Откако ќе изгреело сонцето, таа смеса ѝ се давала на живината, особено на кокошките, со верување дека така ќе несат јајца преку целата година. Следниот ден, Велика сабота, иако, исто така, се смета за строг ден, е исполнет со повеќе активности, особено со подготовки за самиот Велигден. Во Мариово, на пример, на овој ден жените ги переле појасите од своите носии, верувајќи дека така ќе ја заштитат половината од болки во текот на годината. Согласно со записите на етнологот Миленко Филиповиќ, во некои села од Горна Пчиња за Велигден се подготвувала т.н. комка – домашна верзија на причест. Им се давала на децата, а тие потоа скокале преку куќниот праг колку што можеле подалеку, изговарајќи желби за здравје, среќа и бериќет. Се разбира, главна активност на овој ден се кршењето со јајца и нивното дарување, притоа се честита со „Христос воскресе“, а се возвраќа со „Навистина воскресе“.

Цвекло и лушпи од кромид за бојосување
Традицијата на бојосување јајца има дамнешни корења кај повеќе народи во светот. Уште кај старите народи постоел обичај да се дарува јајце на Нова година и на роденден, во знак на радост и почит кон луѓето, а со текот на времето тоа станало симбол на христијанскиот празник Велигден. Денес, велигденските јајца се бојосуваат не само во црвена боја туку и во други бои (жолта , сина, зелена). Порано, во Македонија и на Балканот, црвената боја се добивала од цвекло и од варзило.
– Што се однесува до вапсувањето јајца, постои богатство на техники што се развиле во различни региони. Првенствено јајцата се миеле, обично се правело тоа во среда, а во одредени скопски села – и на Лазарова сабота. Се претпочитало да се обојат јајцата во црвена боја, која има силна симболика, но во исто време биле застапени и други нијанси. За добивање жолта, светлокафена, зелена, виолетова, розова и сина боја, се користеле природни извори – од млечка, лушпи од кромид, корен од домати, лушпи од црвен кромид, цвекло и боровинки, секако, за црвена боја се употребувало растението брок или со бакам. Откако ќе се бојосаат, се мачкале со масло за да бидат светликави. Покрај еднобојното бојосување, биле развиени и методи за вапсување на јајцата во повеќе бои, при што се користел восок, кој се отстранувал откако ќе се исушеле јајцата (така остануваат бели шарки), овозможувајќи создавање различни мотиви како цветови (пример, од тутун или од сончоглед), птици, крстови, точки, а понекогаш се пишувале и имиња (пример, на селото каде што било вапсано јајцето или личното име на оној што го вапсал) или пак, натписи како „Христос воскресе“. Слична на оваа техника била и онаа каде што се употребувале природни лисја, односно од трендафил, детелина и од попадија. Еден од поновите начини на украсување на јајцата е со употреба на срма, особено на мониста. Тие се прикачуваат додека се топли јајцата, а се употребува и восок за нивна апликација – објаснува етнологот Брачиќ.
Здравоживо, јајце, добрeдојде!
Во поголемиот дел од Македонија, јајцата за Велигден се вапсувале на Велики четврток. Сепак, како што посочува Брачиќ, постоеле и регионални отстапувања.
– Во Малешево, јајцата се боеле во сабота, а во пределот Славиште – дури на самиот ден Велигден. Вапсувањето обично го извршувала домаќинката, рано на изгрејсонце, бидејќи постоело верување дека така јајцата никогаш не се расипуваат. Првото обоено јајце имало особена симболика, се сметало за Господово јајце и му се припишувала заштитничка моќ. Тоа се чувало во домот, најчесто покрај икона, сè до следниот Велигден. Во некои предели, со првото јајце домаќинката ги премачкувала децата по образите, најчесто додека спиеле или при капење, изговарајќи „црвено, бело“ или „здравоживо, јајце, добре дошло“ – како благослов за здравје и радост. Во Прилепско, по ова, јајцата ги изнесувале надвор „за да ги види Господ“, а децата смееле да ги видат откако ќе јадат.
Исто така, луѓето верувале дека јајцата вапсани пред да се јави клепалото се потврди и потешко се кршат. Во Порече постоело верување дека, доколку пукне ова прво јајце и се разлее бојата внатре, тоа е знак дека ќе се збогати куќата. Во некои предели, пак, се верувало дека првите три вапсани јајца поседуваат голема магиска моќ: првото било за Господ, второто за заштита и благосостојба на семејството, а третото за бериќет. Другите јајца, кои биле вапсани и биле наменети за јадење, на крајот се ставале во кошничка со слама – додава Брачиќ.
Орнаментирањето – традиција на копаничарите и на зографите
Традицијата да се орнаментираат велигденските јајца во селата во речиси сите делови од Македонија, ја негувале жените, но и зографите и копаничарите.
Техниката на шарање на јајцата честопати е подигната на ниво на народна уметност. Орнаментите, пак, со кои се украсувале велигденските јајца низ историјата, а традицијата се задржала и до денес, се со најразлични претстави, флорални (гранки, лисја, цветови, плодови), зооморфни (птици, риби и слично), антропоморфни (човечиња) и геометриски (ромбови, кругови, спирали, линии, точки и сл.) (Д. Т.)