На средбата со новинарите од македонските медиуми во вторникот, во Тирана, Пал Заранди, директор за мобилни и 5Г стратегии на групацијата 4иГ, ја најави стратегијата за влез на македонскиот пазар. Тој истакна дека влегуваат самостојно, односно нема да купуваат веќе постоечки бизнис, туку планираат да развијат сопствена мрежа во која би вложиле околу 100 милиони евра во првите десет години

Унгарската телекомуникациска компанија 4иГ и формално се обрати до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за добивање фреквенција за трет оператор кој ќе нуди услуги на македонскиот пазар во мобилната и фиксната телефонија за граѓаните и деловните корисници. На средбата со новинарите од македонските медиуми во вторникот во Тирана, Пал Заранди, директор за мобилни и 5Г стратегии на групацијата 4иГ, ја најави стратегијата за влез на македонскиот пазар. Тој истакна дека влегуваат самостојно, односно нема да купуваат веќе постоечки бизнис, туку планираат да развијат сопствена мрежа во која би вложиле околу 100 милиони евра во првите десет години.

Компанијата е успешна на пазарите во Црна Гора и Албанија и сметаат дека и македонскиот пазар е поволен за нивна работа каде што доминираат двата мрежни оператори Македонски телеком и А1.

– Секогаш кога сакаме да влеземе на нов пазар во телекомуникацискиот бизнис, многу е важно регулаторната средина и владата да нè прифатат позитивно. Сметаме дека сме добредојдени во Македонија. Тоа беше првиот чекор. Анализирајќи ја ситуацијата на пазарот во Македонија забележавме дека има многу добра понуда на опсег на фреквенции што може да го олесни нашето управување. Опсегот на фреквенции е многу важен – тоа е како кислородот за телекомуникациите. Тој е суштински. Без него не можете вистински да станете значаен играч на пазарот. Ако го имате, добивате многу можности да го правите она што сакате – потенцираше Заранди.

Според најоптимистичките прогнози, Заранди очекува следнава година да ја добијат фреквенцијата бидејќи станува збор, како што вели, долг и сложен процес.

– Доколку сè оди добро, можеби ќе успееме да го направиме првиот повик следната година. Ќе треба да имаме многу локални партнери од европскиот простор за инфраструктурата, базните станици и добавувачите на опрема од кои ќе ја купуваме опремата. Потребни се многу локални и глобални партнери. Секој оператор кој планира да купи сопствен спектар и да изгради своја мрежа мора да има силна понуда за потрошувачите, бидејќи тоа е најважниот пазар – истакна Заранди.

Регистрацијата на  компанијата „Оне Македонија телекомуникејшн“ е завршена. Покрај мобилните услуги, фиксниот и ТВ-пазарот се исто така релевантни за компанијата, бидејќи гледаат значителни можности за раст во областа на дигитализацијата.

Граѓаните со влез на трет мобилен оператор очекуваат намалени цени на телекомуникациските услуги. На македонскиот пазар има милион и 950 корисници на два мрежни и четири виртуелни оператори.

Во Црна Гора и Албанија компанијата започна многу значајни нови циклуси на инфраструктурни инвестиции, што го поттикнува целиот дигитален екосистем. Во Црна Гора се на чело на мобилните и 5Г инвестиции, а во Албанија на мобилниот и фиксниот фронт. Брано Ѓуровиќ, извршен директор на ОНЕ Албанија, истакна дека од неодамна вовеле 5Г мрежа и со тоа нема зголемување на цените за крајните корисници.

– Корисниците продолжуваат да ги користат своите постоечки пакети и уживаат во придобивките на 5Г, како што се поголема брзина, побрз одѕив и поголем капацитет за поврзување на повеќе уреди. Според најновите извештаи, околу 35% од корисниците се на постпејд, додека 65% се на припејд, и гледаме дека оваа состојба е слична кај двата оператора. Сепак, до некаде статистиката е искривена поради сезонските ефекти, бидејќи Албанија е туристичка земја, а во текот на летото имаме голем број припејд корисници кои се туристи и го зголемуваат делот на припејд пазарот. Во наредните години ќе направиме сè што е потребно за да им овозможиме на корисниците да преминат на постпејд модел, првенствено преку нивно едуцирање за придобивките од постпејд моделот, за неговата едноставност во начинот на плаќање, како и преку понуда на различни уреди и дополнителни услуги – истакна Ѓуровиќ.

Нова ера во областа на напредните технологии

ХУСАТ сателитската програма што моментално се гради од 4иГ Групацијата и Ремред во Мартонвасар, Унгарија, во понеделникот му била претставена на идниот американски претседател Доналд Трамп и на Илин Маск. Оваа иницијатива е прва во Централна и Источна Европа, која развива телекомуникациски и сателитски капацитети за набљудување на Земјата, финансирани со приватни инвестиции. Од 2026 година, оваа фабрика ќе произведува сателити за ниска орбита на Земјата со тежина до 400 килограми.

(С.Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ