Прво огласување на Башар ал Асад по бегството во Русија: Откри детали за падот на неговата влада

512

Поранешниот претседател на Сирија, Башар ал Асад за прв пат јавно проговори по соборувањето на неговата влада во Сирија. Во писмената изјава објавена на 16 декември, Асад ги детализира околностите под кои ја напуштил земјата, нагласувајќи дека неговото заминување не било ниту планирано ниту принудно „во последните часови од борбата“.

Асад изјави дека во Дамаск останал до раните утрински часови на 8 декември, каде што ги извршувал своите претседателски должности. Кога опозициските сили почнаа да влегуваат во градот, беше одлучено тој да биде префрлен во Латакија во координација со руските сојузници за да ги надгледува борбените операции.

„По пристигнувањето во воздухопловната база Хмејмим тоа утро, стана јасно дека нашите сили се повлекоа од сите борбени линии, а паднаа и последните воени позиции“, рече Асад, пишува Скај њуз.

Како што продолжија борбите и ситуацијата се влошуваше, дури и базата Хмејмим стана цел на засилени напади со беспилотни летала. Асад истакна дека во тој момент Москва побарала итна евакуација од базата.

„Без одржливи одбранбени опции, руската команда одлучи да ја евакуира базата. „Вечерта на 8 декември беше организирана итна евакуација во Русија, откако Дамаск падна и беа пробиени последните линии на воена одбрана, што резултираше со парализа на преостанатите државни институции“, рече Асад, пренесе Гардијан.

Во своето обраќање Асад нагласи дека во ниту еден момент од војната не размислувал за оставка, барање азил или бегство од земјата.

„Единствената цел беше да се продолжи борбата против нападот на терористите“, рече Асад, додавајќи дека никогаш не прифатил понуди кои би го загрозиле народот на Сирија или би го компромитирале „отпорот во Палестина и Либан“.

Тој, исто така, потсети дека во најтемните години на конфликтот, тој престојувал во Дамаск со своето семејство, соочен со постојано бомбардирање и закани од терористички упади.

„Личност која никогаш не го напушти отпорот во Палестина и Либан, ниту ги предаде сојузниците кои застанаа покрај него, не може да биде личност која ќе ги напушти својот народ, војска и нација на која и припаѓа“, заклучи Асад.

Ова е прво јавно обраќање на Асад откако бунтовничките сили презедоа контрола врз поголемиот дел од Сирија. Неговата изјава е објавена на официјалниот Телеграм канал на сириското претседателство, а датумот на изјавата е 16 декември од Москва, што потврдува дека Асад сега е во Русија.