Прво издание на мултимедијалниот фестивал „Арт ум“

76

За првпат во Гевгелија ќе се одржи мултимедијалниот фестивал „Арт ум“, во организација на Здружението на граѓани „Арт ум 023“ од Гевгелија.

Во двата фестивалски дена, 21 и 22 јуни 2024 година, ќе се реализираат бројни активности како: изложби, работилници, уметнички перформанси и настапи на истакнати домашни и странски легенди на електронската музика.

Фестивалот ќе започне на 21 јуни, во Народниот театар – Гевгелија, со мултимедијална изложба на која ќе учествуваат четворица гевгелиски уметници препознатливи по својата автентичност: Перо Кованцалиев, Ице Капсаров, Александар Јанев и Мирјана Крстева-Масети, претставувајќи се со своите дела, инсталации и перформанси. Исто така, ќе се одржат и кратки работилници за генеративната уметност од архитектот Натали Василева и мастер-клас на тема „Кратка историја и вовед во електронската музика и основни на аналогна синтеца“, од продуцентот и диџеј Александар Гроздановски (Herzel).

На 22 јуни, во клубот „Де факто“, од 22:00 до 6:00 часот, ќе продолжи фестивалот со музичкиот дел. Десетчасовната програма ќе ја пополнат етаблирани изведувачи од електронската музичка сцена: Jimpster од „Freerange Records“, Лондон, UK и Samuel L Session од „SLS Records“, Гетеборг, Шведска. Ќе настапат и веќе познатите артисти од домашната електронска сцена: Tomi Bojadzi, Maci, Wish.Ko, Samoil Radinski, Soul Case, Berryqat, Joss и Mosaik Kollektif.

– По години музичко дејствување на локалната сцена, се подготвуваме да ви понудиме нешто посебно – „Арт ум фестивал“. Специјален настан каде што ќе може да се забавувате, инспирирате и да се поврзете со уметноста и со музиката. Мултимедијална програма со изложби, уметнички инсталации, работилници, и музички перформанси на етаблирани изведувачи од електронската музичка сцена. Придружете ни се за да бидете дел од почетокот на една нова традиција. Целта на овој фестивал е да се збогатат културните и социјалните аспекти на заедницата, како и креирање културна дестинација на Градот Гевгелија, која ќе привлече посетители од регионот и од целата држава. Со понудената програма на фестивалот, Градот би се позиционирал на мапата на фестивалскиот туризам и новите можност за туризам и локален економски развој – велат организаторите.

„Арт ум фестивалот“ е поддржан од Општина Гевгелија, преку програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата за 2024 година.