Првиот ден, над 200 апликанти ја поднеле потребната документација  

62

На првиот ден од распишувањето на повикот за доделување на финансиска помош на пензионери со пониски примања во Општина Кисела Вода, регистриран е огромен интерес.

Над 200 апликанти од рано утро, ја доставиле својата документација во архивата сместена во бараката 6 на општинскиот објект.

-Овој голем интерес за аплицирање е јасен показател дека оваа мерка е неопходна и навремена. Како општина, ние се грижиме за нашите највозрасни сограѓани и правиме сè што е во наша моќ да им го олесниме секојдневието. Оваа финансиска поддршка не е само еднократна акција, туку дел од нашата долгорочна стратегија за подобрување на квалитетот на живот на пензионерите во нашата општина. Целта ни е да им обезбедиме сигурност и достоинство, и да покажеме дека тие не се заборавени- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Право на финансиска поддршка имаат сите пензионери кои живеат во општина Кисела Вода и примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија. Месечните примања на апликантите не смее да надминуваат 22.640 денари, според чекот за јануари 2025 година. Секој пензионер ќе добие еднократна помош во износ од 2.500 денари, додека Општина Кисела Вода дополнително ќе го покрие и персоналниот данок кој не е пресметан во овие средства.

-Финансиската помош е само еден од чекорите што Општина Кисела Вода ги презема за подобрување на животниот стандард на повозрасните сограѓани, со фокус на најранливите категории. Вкупната сума за оваа мерка изнесува 7.000.000 денари и ќе се доделува до исцрпување на средствата – информираат од Општина Кисела Вода.

За да се аплицира потребно е да се достави копија од лична карта (од двете страни), копија од трансакциска сметка, јануарски чек од пензија, како и барање и изјава кои се достапни и на web страницата на Општина Кисела Вода.

ИЗДВОЕНИ