Доналд Трамп рече дека се надева оти може да се постигне целосен прекин на огнот во Украина во наредните денови, а одговорот на Русија на предлогот за 30-дневен прекин на огнот се уште се чека.
Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, беше прашан за можниот мировен договор договорен вчера меѓу САД и Украина. Зеленски рече дека Вашингтон предложил 30-дневен прекин на огнот, запирање на ракетни, напади со беспилотни летала и бомбашки напади долж целата линија на фронтот. Но, Лавров, во коментарите објавени од руските новински агенции денеска, рече дека Москва ќе избегне компромиси што ги загрозуваат животите. Тој исто така го повтори она што сега е вообичаен рефрен во Москва – нема да прифати присуство на војници на НАТО во Украина под никакви услови.
Неговата портпаролка Марија Захарова утрово изјави дека Русија сама ќе донесе одлуки.
„Оформувањето на позицијата на Руската Федерација не се случува во странство поради некои договори или напори на некои страни“, рече таа. Формирањето на позицијата на Руската Федерација се одвива во рамките на Руската Федерација“, додаде таа, јави Скај њуз.
Инаку, во руски ракетен напад уторво загина една жена, според локалниот украински гувернер. Гувернерот на регионот на Днепропетровск, Серхиј Лисак, изјави дека нападот се случил во инфраструктурен објект во Криви Рих, родниот град на Володимир Зеленски. Последните информации говорат дека се повредени уште пет лица. Русија во текот на ноќта објави дека пресретнала 21 украински беспилотно летало, од кои 12 биле соборени над пограничниот регион Брјанск. Летала беа соборени и над Калуга, Кримскиот Полуостров, Црното Море и Курск – каде што украинските сили беа ангажирани во жестоки битки со руските и севернокорејските војници.