Првата затворена спортска сала во Пинтија ќе биде готова до крајот на февруари

373

Изградбата на првата затворена спортска сала во населбата Пинтија е во завршна фаза. Ова е констатирано при извршениот увид на градежните активности од страна на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Салата има површина од околу 350 квадратни метри и се наоѓа во рамките на ПОУ „Рајко Жинзифов“, каде што со години наназад наставата по физичко образование се одвивала во несоодветни и супстандардни услови.

Во моментов, се поставуваат панели и прозорци, додека следната фаза вклучува поставување на електричната инсталација. Градежните активности се одвиваат според предвидениот динамички план, а до крајот на февруари салата ќе биде целосно завршена и ставена на користење на учениците.

-Ова е првпат населбата Пинтија да добие затворен спортски објект, што е од огромно значење за нашите деца. Со оваа инвестиција вложуваме во нивниот физички развој, спортски потенцијал и здрав живот. Рамномерниот развој на општината е наш приоритет, а преку изградба на спортска инфраструктура обезбедуваме подобри услови за учениците и младите. Оваа сала е дел од нашата визија за унапредување на животниот квалитет во Кисела Вода – истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека не само во Пинтија, туку и во сите останати населби во општината се работи на создавање на модерни и функционални училишни простори, со цел да се обезбедат подобри услови за образовниот процес и правилен развој на младите.

 

ИЗДВОЕНИ