Првата конкретна реакција од Кремљ на предлогот за прекин на огнот: „Путин денеска ќе има меѓународен повик“

395
EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV

Сите чекори кои само го имитираат мирот никому не му користат. Москва е заинтересирана за долгорочно решение на војната во Украина, а не за привремен прекин на огнот, изјави Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател, во интервју за ТВ станицата „Русија-1“, а пренесува агенцијата Интерфакс.

Изјавите укажуваат каков ќе биде рускиот одговор на предлогот за прекин на огнот, бидејќи Ушаков експлицитно изјави дека „привремениот прекин на огнот не е ништо повеќе од пауза што украинските сили би ја искористиле за да се прегрупираат“. Тој рече дека оваа точка ја кажал во разговор со американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц.

Тој додаде дека претседателот Владимир Путин би можел да понуди подетален одговор на предлогот за привремен прекин на огнот подоцна во текот на денот.

– Нашата цел е долгорочно мирно решение и на тоа работиме. Сакаме решение кое ќе ги земе предвид веќе познатите легитимни интереси на нашата земја – нагласи тој.

Шансите за привремен прекин на огнот меѓу Украина и Русија во моментов се околу 50-50, проценува Ендрју Леви, поранешен висок британски дипломат, кој ги коментираше актуелните настани на релација Киев-Вашингтон-Москва за Би-би-си Радио 5.

Леви беше во британската амбасада во Москва на почетокот на 2000-тите и добро го познава начинот на работа на Владимир Путин, за кој вели дека не сака мир на долг рок, туку продолжување на окупацијата.

– Путин можеби е подготвен накратко да ги паузира операциите на неговите сили во Украина, но само да му угоди на Трамп. Речиси сигурно би го искористил ова примирје за да се прегрупира и повторно да нападне подоцна – вели Леви.

Тој додава дека од Русија најверојатно ќе биде побарано да направи многу помалку отстапки од Украина, од која се чини дека САД веќе бараат да се откаже од дел од својата меѓународно призната територија. Се разбира, истакнува Леви, под претпоставка дека воопшто ќе дојде до прекин на огнот.

– Шансите за тоа се 50-50, а веројатноста да има мир после тоа е многу помала – заклучува тој.

Руското Министерство за надворешни работи објави дека Русија е подготвена да разговара за мир со САД, а преговорите би можеле да започнат уште денеска.

Украина соопшти дека е подготвена да прифати 30-дневен прекин на огнот по разговорите со американските дипломати во Саудиска Арабија во вторникот.

После тоа, Украина, САД и другите нации рекоа дека топката сега е на теренот на Русија.

„Подготвени сме да разговараме за иницијативите поставени таму во идните контакти со Соединетите држави“, рече портпаролката Марија Захарова.

Русија вели дека ќе одговори на странските трупи во Украина со сите расположливи средства. Руското Министерство за надворешни работи предупреди на распоредување војници во Украина од други земји.

Кремљ утринава, меѓу другото, соопшти дека Владимир Путин денеска може да има меѓународен повик. Не се знае со кого ќе биде повикот, но Доналд Трамп се уште чека одговор на предлогот на Вашингтон за 30-дневен прекин на огнот, пишува Sky News.

ИЗДВОЕНИ