Молк од Комисијата за спречување на корупција откако нивната претседателка е под истрага за споделување на тајни податоци на обвинет во случајот Адитив поврзани со отворени предмети. Телефонскиот број определен за новинари не е во функција, а на фиксниот телефон некој веднаш го прекинува повикот. Од Комисијата треба да одговорат како сега ќе работат по претставките од граѓаните за корупција, откако Судот одлучи осомничената претседателка Татјана Димитровска не смее да има контакт со предметите, поштата, документите , и не смее да распределува предмети во работа на колегите и не смее да гласа по предлог-одлуките, со други зборови не треба да оди на своето работно место за кое е платена од Буџетот со 2200 евра месечно. Таа останува членка на Комисијата се додека Собранието од каде што е избрана не одлучи поинаку или самата не си поднесе оставка. Неа ќе ја заменува заменикот на претседателот на ДКСК кој ротира на секои шест месеци.
Ова е прв случај во историјата од основањето на независното тело кое треба да се бори против корупција да биде вмешано во високо коруптивен случај, уште повеќе што првата антикорупционерка се сомничи дека преку Вибер му давала тајни податоци од отворени предмети на обвинетиот поранешен директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ.
Дека е потребен надзор врз работата на Комисијата изјави поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска за Тв Телма.
„Собранието е тоа коешто ги избира кандидатите за членови на Комисијата, мислам дека треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела“, смета Ивановска во чие време беше донесен и етичкиот кодекс на претседателот и членовите на Комисијата.
Во биографијата на Димитровска која е објавена на интернет страницата на ДСКС стои дека како ревизор го контролирала финансиското работење на поранешното СЈО, извештај по кој се отвори и предмет за бонусите на поранешните специјални обвинителки. Димитровска навела и бројни обуки и сертификати за интегритет, која според истрагата повеќепати го довела во прашање.
„Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности“, соопшти ОЈО ГОКК.
„Како службено лице, претседател на ДКСК, од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“, наведе Обвинителството.
Законот ја обврзувал Димитровска податоците да ги чува, да може да ги користи исклучиво за целите за кои се добиени и да не смее да ги открива на трети лица. Информациите не смее да ги користи во вршењето на функциите, јавните овластувања и службените должности за остварување корист или предност за себе или за друг”, и не само додека е на функцијата прва антикорупционерка туку и три години откако ќе ја напушти.
Во предметот Адитив во која сега се сомничи и претседателката на ДКСК, Обвинителството поднесе обвинение на крајот на февруари против 31 физичко и пет правни лица. Првообвинет за несовесно работење е поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство. Обвинети за неколку кривични дела се и неговиот наследник Васко Стефанов и поранешните директори на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Според обвинението, во периодот од април 2023 година до август во 2024 година, дел од обвинетите злоупотребувале постапки за набавки за потребите на ЕСМ. На фирмата која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,5 милиони евра. (П.А.)