Претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска му давала тајни информации за отворени предмети во Комисијата на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ кој е обвинет во случајот Адитив. Таа неколкупати на Вибер му испраќала податоци и за дуги опфатени во предметот, во текот на минатата година. Инаку поранешниот директор Стојановиќ е и сопственик на фирма опфатена во обвинителниот акт. Димитровска му оддавала информации и за имотната состојба
-Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици за постапката ,ОЈОГОКК ги соопшти деталите за пријавата против првата антикорупционерка.
Пред Нова Година Обвинителството го отвори случајот „Адитив“ во кој првично беа опфатени 23 луѓе, меѓу кои и Стојановиќ како поранешен директор на ТЕЦ Неготино, покрај поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, и неговиот наследник Васко Стефанов. Под истрага е и поранешниот директор на РЕК Битола Пеце Матевски, поранешниот комерцијален директор на ЕСМ Адријан Муча, како и Данчо Стојановски – поранешен комерцијален директор на ЕСМ, и неговата братучетка Маја Јорданова – сопственичка на фирмата Браинкоде, од која е набавен адитивот, за прочистување на внатрешноста на термоблоковите, по цена три пати поскапа од пазарната. Медиуми во меѓувреме пишуваа дека Стојановиќ се познавал со сопственикот на компанијата од Италија од која „Браинкоде“ го купи адитивот. Неговата фирма добивала тендери во РЕК Битола.