Околу четири ипол часа американски и руски претставници денеска разговараа во Ријад, Саудиска Арабија, за ставање крај на руско украинската војна, за првпат откако таа почна. Се договориле да ги продолжат преговорите за Украина, а исто така кратко ги разгледале условите за можен самит помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Украина и нејзините сојузници ги немаше на масата на која американската делегација ја претставуваа државниот серетар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник Стив Виткоф, а руската – министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков.
Новинската агенција Интерфакс го цитираше Ушаков дека разговорите минале добро и се разговарало за условите за средба меѓу претседателите на САД, Доналд Трамп и на Русија, Владимир Путин. Ушаков рече дека таа средба веројатно нема да се одржи следната недела.
– Тешко е да се каже дека Русија и САД се приближуваат, но она што го разговаравме беше многу сериозно за сите прашања што сакавме да ги допреме. Се договоривме да ги земеме предвид меѓусебните интереси и да ги развиваме билатералните односи, бидејќи Москва и Вашингтон се заинтересирани за тоа, рече Ушаков, пренесе Би-Би-Си.
По средбата во Ријад се огласи Стејт департментот со објава дека САД и Русија се договориле да формираат “тимови на високо ниво” кои ќе почнат да работат на пронаоѓање пат за завршување на војната во Украина.
-Освен тоа двете страни се согласија да ги решат прашањата кои ги отежнуваат билатералните односи. Еден телефонски повик и еден состанок не се доволни за да се дојде до траен мир. Мораме да преземеме конкретни чекори, а денеска направивме важен исчекор напред, изјави гласноговорничката на Стејт Департментот Тами Брус во соопшетние објавено на слижбената страница.
Но, како што пишува Ројтерс, разговорите во главниот град на Саудиска Арабија го истакнаа брзото темпо на напорите на САД за запирање на конфликтот, помалку од еден месец откако Трамп ја презеде функцијата и шест дена откако тој телефонски разговараше со Путин. Ова, пишува агенцијата се случуваше додека Киев и неговите европски сојузници нервозно гледаа од страна, а Москва покрена големо ново барање. Имено, во Ријад Русија само сигнализирала за заострување на нејзините барања, додека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во Москва на новинарите им изјави дека „не е доволно“ НАТО да не ја прими Украина како членка, туку дека алијансата мора да оди понатаму со отфрлање на ветувањето што го даде на самитот во Букурешт во 2008 година дека Киев ќе се приклучи на иден, неодреден датум.
Во пресрет на разговорите, Украина, која не учествува во нив, изјави дека не може да се постигне мировен договор во Ријад во нејзино име. Кремљ пак, рече дека Путин е подготвен да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, ако тоа е потребно.
– Самиот Путин рече дека би бил подготвен да преговара со Зеленски ако биде потребно. Но, треба да се расправа околу правната основа на договорот, со оглед на тоа што може да се доведе во прашање легитимноста на Зеленски, им рече на новинарите гласноговорникот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Вечерта пред американско руската средба во Ријад во Париз се сретнаа европските лидери на итен состанок.
-Го поздравуваме фактот дека има разговори за постигнување мир. Но, јасно ни е дека тоа не значи дека може да има диктиран мир и дека Украина мора да го прифати она што ѝ е претставено, изјави по средбата германскиот канцелар Олаф Шолц. Британскиот премиер Кир Стармер прецизираше дека мора да биде разбирливо само по себе секогаш да се има поддршка од САД, посочувајќи дека само со американски безбедносни гаранции може ефикасно да се спречи Русија повторно да нападне. Но, темата и натаму останува жешка.
Во меѓувреме во Киев се крена паника по информацијата дека американскиот претседател бара 500 милијарди долари од Украина, што е повеќе отколку што плати Германија по Првата светска војна. Се работи за документ што се нашол на масата на Зеленски минатата недела, кој претставува американско економско преземање на Украина, оставајќи го Киев во должничка зависност на неодредено време. Британски „Телеграф“ го добил нацрт-договорот, означен како „Привилегиран и доверлив“, кој предвидува формирање заеднички инвестициски фонд меѓу САД и Украина, со цел „да се спречи непријателските страни во конфликтот да профитираат од обновата на Украина“. Сепак, условите се такви што Украина го губи суверенитетот над своите ресурси.