Прв снег, лански проблеми

83

Дека снегот повторно изненади говори и тоа што поради снежните наноси утринава патниот правец Кратово – Пробиштип беше забранет за движење на тешки моторни возила. Како што информираа од Авто-мото Сојузот на Македонија забраната беше воведена во 7 часот. И во деновите кои се пред нас ќе имаме уште постудено време, исто така ќе има нови повремени врнежи од дожд, додека на повисоките места  и на планините ќе врне снег. Метеоролозите најавуваат можна појава на повремен снег и очекуваат формирање на нова снежна покривка со висина од 1 до 5 cантиметри

 

Делови од Македонија денеска осамнаа под лесни снежни навеви. Дека снегот повторно изненади говори и тоа што поради снежните наноси утринава патниот правец Кратово – Пробиштип беше забранет за движење на тешки моторни возила. Како што информираа од Авто-мото Сојузот на Македонија забраната беше воведена во 7 часот, а беше укината околу пладне.

Од АМСМ велат дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Потсетуваат дека за неколку дена почнува обврската за задолжително носење зимска опрена која стапува на сила на 15ти ноември, односно во петок.

Од јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека на одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони. Оттаму апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација како и приспособување на брзината кон условите на патот.

Утринава, со мала снежна покривка беа и дел од зимските туристички центри.

Здружението за промоција на македонски ски-центри, „Ски Македонија“ на својот јутјуб – канал емитува видео во живо од Пониква и од Попова Шапка, каде што може да се погледне состојбата во овие ски-центри.

Под снежна покривка е и Пијанечко-малешевскиот Регион. Најизразена е на повисоките места. Во градот Делчево и околните села снежната покривка е минимална, додека врнежи од снег вчера утро имаше и во општините: Македонска Каменица, Берово и Пехчево.

Во делчевско, најмногу снег има наврнато на планината Голак, во селото Тработивиште, како и на подрачјето на селото Ѕвегор во близина на граничниот премин кон Република Бугарија. 

Првата мала снежна покривка е забележана и на Водно. Од камерите поставени на Водно од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се забележува дека на врвот има снежна покривка, но и магла.

И во деновите кои се пред нас ќе имаме уште постудено време, исто така ќе има нови повремени врнежи од дожд, додека на повисоките места  и на планините ќе врне снег. Според Метеоаларм, повторно е можна појава на повремен снег понекаде  и на местата со помала надморска височина (во населените места).

И од Управата за хидрометеоролошки работи, потврдуваат дека утре се очекува променливо облачно и студено време, попладне и во текот на ноќта во јужните делови со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег. По котлините ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Во Скопје променливо облачно и магливо со слаб ветер од северен правец.

В среда, минималната температура ќе се движи од -1 до 5 степени Целзиусови, додека максималната температура од 4 до 10 степени Целзиусови, а се очекува претежно облачно време, со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со повремен снег. По котлините ќе има услови за појава на магла.

В четврток, минималната температура ќе се движи од 1 до 6 степени Целзиусови, додека максималната температура од 5 до 12 степени Целзиусови. Времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините со повремен снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Се очекува формирање на нова снежна покривка со висина од 1 до 5 cантиметри.

(А.П.)