Кај нас нема случај и граѓаните можат да бидат мирни, апсолутно сме подготвени, изјави вчера Фадил Цана, директор на скопската Инфективна клиника, по веста дека на Клиниката за инфективни болести во Приштина е хоспитализиран триесетгодишен маж заразен со вирусот на мајмунски сипаници. Институтот за јавно здравје од Косово, кое е соседна земја на Македонија, соопшти дека лабораторијата за микробиологија преку ПЦР-тест открила присуството на вирусот кај лицето кое неодамна престојувало во Африка, односно дека се работи за увезен случај на Mpox |
Триесетгодишен маж е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Приштина, Косово, откако е утврдено дека е заразен со вирусот на мајмунски сипаници. Институтот за јавно здравје од Косово, кое е соседна земја на Македонија, соопшти дека лабораторијата за микробиологија преку ПЦР-тест открила присуството на вирусот кај лицето кое неодамна престојувало во Африка, односно дека се работи за увезен случај на Mpox.
-По враќањето од западноафриканска држава лицето имало симптоми како температура, треска, промени во кожа, лице, во рацете и чешање. Пациентот е во стабилна здравствена состојба, се наведува во соопштението.
Институтот наведува дека се следени сите пријавени контакти на заразеното лице и членовите на неговото семејство, на кои им се дадени препораки за мерки за превенција и контрола на инфекцијата.
-Апелираме на претпазливост кај граѓаните, бидејќи луѓето кои се зафатени од Mpox најчесто доживуваат благи или умерени симптоми кои траат две до четири недели и целосно закрепнуваат, наведуваат од оваа здравствена институција.
Во соопштенеито не се наведува потеклото на заболеното лице, односно во кој град живее на Косово кое е соседна земја на Македонија.
Директорот на Инфективната клиника во Скопје, доктор Фадил Цана вчера изјави дека во Македонија нема простор за паника околу мајмунските сипаници и нагласи дека е запознат е со случајот во Косово. Според него, кај нас досега нема регистрирано случај на мајмунски сипаници, а доколку се појави, вели дека се подготвени и дека имаме стручњаци добро запознати со болеста.
-Кај нас нема. Запознат сум со случајот, имав долг разговор со директорот на Инфективната клиника во Приштина. Пациентот е стабилен, сѐ е под контрола во моментов, нагласува Цана за МИА.
Тој појаснува дека станува збор за изолиран случај на граѓанин на Косово, кој работел подолго време во странство.
-Не е автохтон, туку е импортиран случај. Граѓаните кај нас може да бидат мирни. Нема простор за паника, додава директорот на Инфективната клиника.
Според Цана надлежните имаат капацитети да се справат доколку и кај нас дојде оваа болест.
-Апсолутно сме подготвени во случај и кај нас да се појави лице со мајмунски сипаници. Може да се справиме со такви случаи. Имаме експерти, тоа е поле на Инфективна клиника, така што, болеста како болест ни е позната и сѐ што може да се преземе околу тоа, вели директорот на Инфективната клиника.
Преносот на мајмунски сипаници од човек на човек може да се случи преку контакт со заразен материјал од повреда или течности од кожата, устата или половите органи, вклучително и преку допирање, близок контакт и полова дејност. Може да се распространува и преку воздушен-капен пат при зборување, кашлање или кивање. (Б.Ѓ.)