Женскиот фудбалски клуб „Џи-џи“ од Скопје и Здружението на граѓани „Куќа на среќата“ ќе го организираат првиот новогодишен фудбалски турнир „И јас сакам фудбал, и…“.
Турнирот ќе се одржи в сабота од 11:00 до 15:00 часот, во спортската сала „Архиепископ Доситеј“ во Кисела Вода, а ќе учествуваат девојчиња и момчиња на возраст од 8 до 10 години, од општинските основни училишта во Општина Кисела Вода: „Кузман Шапкарев“, „Климент Охридски“ и „Рајко Жинзифов“ од Драчево и ООУ „Рајко Жинзифов“ од Пинтија.
На турнирот ќе се одржат и натпревари меѓу младите фудбалерки од ЖФК „Џи-џи“ и фудбалерите од ФК „Форца – Вардар“, како и меѓу мајки и татковци.
– Главната цел на оваа манифестација е да пренесеме порака дека фудбалот не е само машки спорт, дека фудбалската игра можат да ја изберат и девојчињата. Со тоа се вклучуваат повеќе млади во спортот и со тоа добиваме здрава, силна и спортска иднина, со која сите ќе се гордееме – велат организаторите.
Додаваат дека оваа манифестација е инклузивен рекреативен спортски настан, кој има цел да го промовира фудбалот како алатка за подигнување на свеста за важноста на физичката активност и на социјалната кохезија кај учениците, особено кај младите.
– Оваа спортска манифестација ги поттикнува тимскиот дух, ферплејот и спортската етика кај децата и свесноста за значењето на фудбалот како спорт што го избираат и девојчињата и момчињата – потенцираат организаторите.
Настанот е поддржан од Општина Кисела Вода.