Прв ден по изборите Германија ја тресат штрајкови!

162
EPA-EFE/HANNIBAL HANSCHKE

Патниците овој понеделник мора да очекуваат масовни откажувања и одложувања на летови на двата најголеми аеродроми во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Откако вработените на аеродромот во Келн/Бон во неделата вечерта ја прекинаа работата, денеска на аеродромот во Дизелдорф започна еднодневен предупредувачки штрајк на синдикатот на услужниот сектор ver.di.

Откажани се бројни летови. Според информациите од управата на аеродромот во Келн/Бон, откажани се 106 планирани летови, додека првично требаше да бидат 168. Во Дизелдорф, според податоците на аеродромот, откажани се најмалку 30 отсто од вкупно планираните 334 полетувања и слетувања, пишува Дојче веле.

Синдикатот ver.di ги повика вработените во јавниот сектор на двата аеродроми на штрајк. Причината е актуелниот спор за платите на вработените на федерално и локално ниво. Синдикатот бара зголемување на платите за осум отсто, но најмалку 350 евра месечно повеќе, како и повисоки бонуси за особено тешките работни места. Исто така, се бараат уште три слободни денови.

Синдикатот го зголемува притисокот објавувајќи нови прекини на работа низ Германија. Уште еден штрајк во воздушниот сообраќај доаѓа на крајот на неделата. Вер.ди повика на дводневен штрајк на аеродромот во Минхен во четврток и петок. Според соопштението на синдикатот, предупредувачкиот штрајк ќе започне во четврток (27 февруари) во 00:00 часот и ќе трае до петок на полноќ.

ИЗДВОЕНИ