Стотици луѓе протестираа во саботата во Чикаго, други американски градови и во Европа, приклучувајќи се на глобалниот ден на акција против Илон Маск. Демонстрантите изразија незадоволство од неговата улога во администрацијата на претседателот Трамп, која врши масовни отпуштања во федералната влада.
Протестите се дел од пошироката кампања која се одржува во повеќе од 500 салони на Тесла ширум светот. Демонстрантите најавуваат дека ќе продолжат со протестите недела по недела со цел да го намалат богатството на најбогатиот човек во светот, чиишто проценети 340 милијарди долари главно се во акции на Тесла.
Во Чикаго беа организирани три големи протести – пред салонот на Тесла во луксузната населба Голд Коуст, во предградието Нортбрук и во Вестмонт. Слични протести се одржаа низ САД, Канада и Европа, а саботата ја одбележа првата координирана акција пред сите салони на Тесла во Америка.
Движење за отстранување на Тесла
Толпата носеше транспаренти и извикуваше слогани – некои ги нарекуваа автомобилите на Тесла „Свастика-автомобили“, алудирајќи на нацистичката симболика. Протестите се дел од движењето „Tesla Takedown“, чии членови го обвинуваат Маск дека има преголемо влијание врз федералната влада и активно го поддржува укинувањето на државните институции, пишува CBS.
Тие се особено бесни поради неговото раководење со новото Министерство за владина ефикасност (ДОГЕ), кое го гледаат како средство за масовни отпуштања. Затоа бараат укинување на тоа министерство, бојкот на Тесла и оставка на Маск.
„Илон Маск нема ни грам сочувство за луѓето кои зависат од владините средства. Тој треба да се врати во Јужна Африка“, рече Марк Портман од Хајленд Парк.
Неговата сопруга Марла Портман додаде: „Не треба да купуваме Тесли, туку треба да ги продаваме – и да ги продаваме акциите на Маск“.
Во Лондон, активистите поставија картонски фигури на Маск во поза што личи на нацистички поздрав директно над полнач на Тесла.
„Ова е доказ дека победуваме“
Во меѓувреме, вандализмот на автомобилите на Тесла е во пораст низ Америка, вклучувајќи ги и инцидентите во Чикаго.
Маск одговори на овие напади во интервју за Fox News минатата недела:
„Оваа омраза и насилство само докажува дека успешно ја елиминираме корупцијата и трошењето на државните ресурси.
Претставници на администрацијата на Трамп најавија дека ќе ги зголемат мерките против нападите врз возилата на Тесла, но разузнавачките служби тврдат дека тие не се организирана група, туку поединци.
Според заедничкиот извештај на ФБИ и Одделот за домашна безбедност, од јануари 2025 година биле пријавени напади врз автомобили на Тесла во најмалку девет држави.
„Овие инциденти вклучуваат палење возила, пукање и графити со пораки насочени против луѓе кои сторителите ги сметаат за расисти, фашисти или политички противници“, се вели во извештајот.
ФБИ формираше специјална единица за истрага на овие напади, а федералните власти сега соработуваат со локалната полиција за да спречат идни инциденти.