Граѓански протести ја зафатија Сирија откако во претежно христијанскиот град Сукајлабија беше запалена новогодишната елка поставена на главниот плоштад. Сиријците бараат да се протераат исламистите дојдени од странство, а светот повикува новите исламистички власти да ги заштитат малцинствата, јавува Би-би-си.
На видеото објавено на социјалните мрежи се гледаат двајца маскирани мажи како палат новогодишна елка ноќта пред Бадник на главниот плоштад во Сукајлабија, во провинцијата Хама во централна Сирија.
Од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), главната исламистичка фракција што го собори претседателот Башар ал-Асад, рекое дека инцидентот го предизвикале странски борци, кои се приведени. Тие ветија дека ќе ги заштитат правата и слободите на верските и етничките малцинства во Сирија.
Палењето на елката требало да биде порака до неколкуте преостанати христијани во Сирија дека се непожелни. Демнострантите во населбата Каса во Дамаск кои излегоа на улица по палењето на елката скандираа против странските борци во Сирија: „Сирија е слободна, несиријците треба да си заминат“, мислејќи на странските борци за кои ХТС рече дека стојат зад нападот. Во населбата Баб Тума во Дамаск, демонстрантите носеа крстови и сириски знамиња, извикувајќи „ќе ги жртвуваме нашите души за нашиот крст“.
Radical Muslims lit a Christmas tree on fire in Al-Suqaylabiyah to send an unwelcoming message to the few remaining Christians in Syria. pic.twitter.com/3cgF8Gz2Oi
— Brigitte Gabriel (@ACTBrigitte) December 23, 2024
-Ако не ни е дозволено да ја практикуваме нашата христијанска вера во нашата земја, како порано, тогаш веќе не припаѓаме овде, изјави еден демонстрант за новинската агенција АФП, пренесе Бета.
Сирија е дом на многу етнички и религиозни групи, вклучувајќи Курди, Ерменци, Асирци, христијани, Друзи, алавити шиити и сунитски Арапи, кои го сочинуваат мнозинството од муслиманското население таму. Присуството на странски борци, исламистички екстремисти и поддржувачи на режимот на Асад, кои имаат интерес да предизвикаат несигурност и да ги напаѓаат малцинствата со цел да ја поткопаат стабилноста на земјата, се главните предизвици со кои ќе се соочи новото исламско раководство.
ХТС започна како џихадистичка група, но усвои попрагматичен и поумерен пристап во последниве години. Новите власти објавија дека лидерот на ХТС Абу Мухамед ал-Џулани постигнал договор со „сите групи за распуштање на сите фракции и обединување под Министерството за одбрана“, пренесува агенцијата Сана. Премиерот Мохамед ал-Башир рече дека Министерството ќе се реструктуира за да вклучи бунтовнички борци, но не е јасно кои точно групи ќе бидат вклучени во спојувањето. Во Сирија има повеќе вооружени групи, вклучително и некои кои се против ХТС и други со нејасни односи со неа.