Протест на семејствата на загинатите во Кочани: „Кој ги уби нашите ангели, кој ги уби нашите херои и кој ги пеплоса тие ангелски лица“

187
Фото: screenshot

Стотици граѓани од Кочани денеска учествуваа во протестниот „Марш за ангелите“ што го организираа семејствата на починатите млади во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ кои маршираа низ улиците, носеа фотографии од нивните најблиски кои настрадаа, транспаренти „Марш за 59-те ангели“, но и натпис дека ова не е несреќа ова е убиство.

Мирниот собир почна во Паркот на Револуцијата во 12.05 часот, како симбол на задоцнетата институционална реакција, а потоа граѓаните се упатија кон Трговскиот центар, кон зградата на Општина Кочани, Полициската станица и Основниот суд и Обвинителството.

Задржувајќи се кратко пред институциите, присутните упатија прашања за одговорноста на надлежните и побараа правда за своите деца.

-Кој ги уби нашите ангели, кој ги уби нашите херои и кој ги пеплоса тие ангелски лица, истакна една од мајките на починатите.

Присутните додадоа дека ако сите институции си ги извршувале своите задачи до трагедијата немало да дојде. Маршот заврши на истото место од каде што и почна, а граѓаните нагласија дека ќе бараат правда за своите најмили.

Претходно, во писменото известување за маршот организаторите нагласија дека тој не е за лицата од обезбедувањето во дискотеката, а граѓаните кои не го прифаќаат тоа укажување не мора да се приклучуваат.

На 16 март годинава во пожарот во Кочани, загинаа 59 луѓе, а вчера почина и Александар Карадаковски кој беше на лекување во Литванија, со што бројот на жртви се искачи на 60.

ИЗДВОЕНИ