Протечените внатрешни документи откриваат дека „Мајкрософт“ била главниот снабдувач на услуги за клауд и вештачка интелигенција (АИ) на израелската војска, со поддршка која драстично се зголемила од почетокот на офанзивата во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година, јавува Anadolu.
Според документите добиени од Drop Site News, Израел се појави како еден од водечките глобални партнери на „Мајкрософт“, со инженерска поддршка и трошоци за консултации во вкупна вредност од околу десет милиони долари од почетокот на војната во Газа.
„Мајкрософт“ сè уште јавно не го потврди или негираше извештајот.
Со дополнителни проекти за поддршка во вредност од 30 милиони долари кои се разгледуваат во 2024 година, вкупната вредност на договорот на Израел со „Мајкрософт“ сè уште не е утврдена.
Употребата на услугите на „Мајкрософт“ од страна на израелската војска бележи невиден раст, при што користењето складирање во „клауд“ надмина 155 отсто раст од јуни 2023 година до април 2024 година, достигнувајќи го својот врв непосредно пред израелската офанзива на Рафах во мај 2024 година.
Најкористените услуги на „Мајкрософт“ вклучуваат алатки за преведување и Азур Опен-АИ, кои сочинуваат близу 75 проценти од вкупната воена употреба.
Посебно загрижувачки се извештаите за технологии фокусирани на вештачка интелигенција како Лаванда, која ги анализира личните податоци на приближно 2,3 милиони жители на Појасот Газа за да открие потенцијални врски со Хамас.
Според извештаите на медиумот „+972“ со седиште во Тел Авив, системот првично означи околу 37.000 Палестинци во Газа како „осомничени“.
Војната во Газа го поттикна она што може да се опише како „златна треска“ меѓу технолошките компании кои бараат воени договори, а Мајкрософт понуди значителни попусти за да обезбеди одбранбено партнерство со Израел.
Документите го истакнуваат поширокиот тренд на технолошки компании кои поддржуваат воени операции, повторувајќи слични податоци за помошта на Google за израелските одбранбени сили во областа на вештачката интелигенција.
Вкупната вредност на договорот на „Мајкрософт“ со израелското Министерство за одбрана не е откриена, но документите сугерираат дека тој далеку ги надминува пријавените трошоци за поддршка.