„Простување“ – нов роман од Кица Колбе

13

„Простување“ e романот од реномираната македонска романсиерка Кица Колбе што неодамна излезе од печат во издание на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје.

-Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сè додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам, посочуваат од „Или-или“.

Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18 век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990 се посветува целосно на прозата, особено на романот. Нејзини дела се: Егејци (Култура, 1990), Снегот во Казабланка, (Три, 2005, Магор, 2007), Жените Гаврилови (Табернакул, 2008, Или-Или, 2021), Река во наследство, Ein Fluss als Erbe, (Скопје и Лангенфелд, 2009), Витезот и Византијката (Или-Или, 2020), Земја на бегалци (Или-Или, 2018, 2023). „Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата „Роман на годината“ во 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009 година е номиниран за наградата „Балканика“.

ИЗДВОЕНИ