Просторот под Железничката станица ќе стане депо за хаварисани возила

621

Просторот под Железничката станица во Скопје ќе стане депо за хаварисаните возила кои се отстрануваат од паркинзите во општините Центар и Аеродром.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски појасни дека заедно со поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, сега веќе министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, пред повеќе месеци ја почнале постапката за да им се отстапи просторот под Железничката станица за таа намена.

Планира местото да се загради, да се обезбеди, а потоа сите хаварисани возила да се носат таму.

-Откако Општина Центар, на свој трошок почна да ги отстранува хаварисаните возила од паркинзите и улиците на територијата на општината и ги замоли граѓаните да го направат истото, потребно е место за нивно чување, додека не помине периодот за граѓаните евентуално да си ги побараат. Потоа тие возила ќе одат на топење, како што пропишува законот – појасни градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на брифингот со новинари.

Меѓу другото тој истакна дека во Општина Центар се работи одговорно, транспарентно и домаќински и дека во изминатите три години од неговиот мандат нема потрошени ниту еден денар за патни трошоци и за угостителски услуги.

Герасимовски посочи дека Општината до сега немала толку буџетски средства, што се должи на доброто менаџирање.

Градоначалникот се пожали и дека Град Скопје кочи капитални проекти на Општина Центар.

-Еден од тие проекти е монтажната гаража во Капиштец, проект кој досега требаше да се реализира, но, за жал по трет пат добивам негативен коментар од Градот и не можеме да го релизираме. Причината е отпочнување на реализација на булевар „Македонија“, оној познат булевар за кој се зборува со децении наназад, кој почнува од Лимак па оди сѐ до Карпош. Тука станува збор за булевар кој треба да има една голема експропријација, каде има голем број на ресторани, кафеани, но и на паркинзи – објасни Герасимовски.

ИЗДВОЕНИ