Тага и бес се излеаја од семејствата на настраданите во кочанската дискотека, пред зградата на Јавното обвинителство и пред народното Собрание, на протесниот „Марш на ангелите“ во Скопје, со кој се бара одговорност за една од најголемите трагедии во Македонија. Долг беше списокот со имиња од кои побараа одговорност за прерано загубениот живот на нивните деца. Почнувајќи од функционерите и министрите на актуелната власт, вината ја лоцираат и кај нивните претходници, полициски началници, инспектори, сите оние што дозволиле да функционира шталата 15 години наназад.
– Дали овој тука, т.н. јавен обвинител, само по партиски потреби презема активности? Нè убедуваа дека правеле криминал и дека неправилно работеле сите. Исто така, и Тошковски – двајцата се највиновни за оваа работа. Дали, по толку убедување за криминал за да дојдат на власт и дека неправилно работеле тогашните институции, направија ревизија на своите претходници? Дали е затворен некој? Дали е затворен најголемиот криминалец, Зоран Заев? Не е. Најдобар бизнисмен е. Дали е затворен Крсто Мукоски? Не е – рече еден од членовите на семејствата на загинатите во кочанската дискотека.
Пристигнаа во две групи, втората дојде од меѓуградската автобуска станица до зградата на јавниот обвинител, кој ги чекаше внатре да се качат, да ги информира до каде е истрагата и зошто голем број од осомничените се пуштени во куќен притвор или им е одземен пасошот. Додека влегуваа во белата висока зграда неколкумина од родителите на загинатите деца во пожарот на 16 март, други негодуваа за одлуката за средба, сомневајќи се во партиски влијанија, кои сакаат да го контаминираат мирниот протест.
– Дали е ова државна институција? Државата сме ние овде, луѓето. Ова е партиско дувло, картелска институција на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, како која ќе дојде на власт. Слушаме партиски послушници, кои излегуваат и кажуваат јавно дека не можело да се докаже верижна одговорност. Каде биле од полицијата да излезат еднаш да реагираат по пријавите? – кажа родител, кој не беше меѓу оние што влегоа на средба со обвинителот.
„Криминалци, не ви се плашиме, бидејќи нема што повеќе да загубиме“, дофрли друг. „Мојата ќерка учеше безбедност. Каква безбедност ѝ гарантиравте вие?“, дополни мајка на загинато девојче, чија слика, направена за дипломското табло, силно ја држеше во рацете.
На тие што се сретнале со обвинителот Коцевски, им било најавено дека многу брзо ќе бидат испрашувани и ќе може да кажат сè пред обвинителите. Им било кажано дека резултати од истрагата ќе им многу брзо. Обвинителството, преку својата интернет-страница, ги повика сите оние што имаат сведоштва поврзани со дискотеката и несреќата, да ги испратат на електронска пошта.
– Јавното обвинителство упатува отворен повик до сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс“ во Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата. Имајќи ги предвид законските рокови и потребата од ефикасност на постапката, на веб-страницата на Јавното обвинителство (www.jorm.gov.mk) e објавен формулар со чие пополнување тие може да се пријават за да достават податоци и информации што сметаат дека се релевантни за истрагата. Пополнетиот формулар е потребно да се испрати електронски, на следнава наменска адреса: [email protected]. Врз основа на формуларот и релевантноста на податоците, подносителите ќе бидат контактирани од истражниот тим – повикаа на соработка од ОЈО.
Во меѓувреме, додека траеше средбата на дел од родителите на починатите со обвинителот, во толпата пред зградата се приклучуваа студенти. Некои од нив ги познаваа жртвите, па ги прегрнуваа нивните мајки. Освен студентите, кои ѝ се приклучуваа на колоната и по патот до Собранието, малку луѓе им дадоа поддршка на семејствата. И оние што седеа опуштено во кафулињата, немо ги гледаа ужалените луѓе како поминуваат тивко кон Градскиот плоштад, до Собранието.
Додека дебатираа пратениците внатре за побараната оставка за министерот за полиција, Панче Тошковски, надвор, пред Собранието, семејствата на жртвите повикаа на безусловна оставка.
– Се знае од каде смрди рибата, од главата, од Панче Тошковски и Коцевски. Жално е мајкиве во чии глави сè е измешано, да ја претворат својата болка во бес, погрешно канализиран. Министре, дали ќе нè удостоите или еден пратеник од Кочани да излезе пред нас и да каже дека нема да биде веќе пратеник? Има таков овие 40 дена? Нема! Срамота! Забораваат дека на овие места се затоа што народот ги донесе, а како ги донесе така и ќе ги однесе. Кога ќе биде посилен народот, тогаш знаеме што се случува. Надвор, отказ! – рече еден од родителите.
Пред семејствата излегоа пратениците на Левица, од чија партија беше поднесена интерпелацијата за министерот Тошковски. Им објаснија дека побарале од спикерот Африм Гаши влез за нив, но тој не дозволил да влезат и од галеријата да ја следат седницата, бидејќи требало да биде најавено тоа. Семејствата се сретнаа и со лидерот на опозицијата Венко Филипче. Потоа се упатија кон МВР на средба со министерот за внатрешни Панче Тошковски кој ги уверуваше во неселективна правда во досегашниот тек на истрагата. За време на средбата дојде до вербален конфликт помеѓу членови од смејствата кои меѓусебно се обвинуваа на партиска основа.
Семејствата на жртвите во кочанската дискотека „Пулс“ првпат дојдоа на протест во Скопје. Со транспаренти на кои пишуваше „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“, „Нема да има толку крв ако сè е по закон“, бараат одговорност од сите до еден што биле на функција додека работело кабарето, односно до кобното утро на 16 март. (П. А.)