Веќе со недели се пишува за геј-врската меѓу поранешниот Ф1-возач, Ралф Шумахер, брат на далеку попознатиот Михаел, и неговиот партнер, Етјен Буске-Кашањ. Овој пат реши да се јави и Кашањ.

Имено, откако објави дека е геј, Ралф Шумахер го поддржаа многу возачи на Ф1, како и неговиот син, но не и неговата поранешна сопруга, Кора. Таа истакна дека е разочарана што Ралф не го споделил тоа со неа. Сега за тоа проговори и Буске-Кашањ, во интервју за РТЛ.

Тој откри дека не е вистина дека Кора дознала од медиумите дека Ралф е геј, туку дека ѝ било кажано, па дури и дека поминала одредено време со него и со неговото сегашно момче. Затоа сега е разочаран од нејзините појавувања во медиумите.

  • Мислев дека имаме добри односи со Кора. Кога пристигна, ме праша: „Спиете ли заедно?“ Ѝ реков: „Да, се разбира, заедно сме, ние сме двојка“. И таа беше среќна за нас. Тоа беше добро, имавме одлична недела со Кора, затоа сум разочаран сега – изјави Етјен Буске-Кашањ.

Ралф Шумахер и неговиот партнер неодамна открија дека се во врска, но познато е дека се заедно повеќе од две години. Се запознале во Монако, а добиле поддршка од Луис Хамилтон, Фернандо Алонсо, Оскар Пјастри… Меѓутоа, во интервју за „Шпигел“, поранешната сопруга на Ралф Шумахер не го криеше разочарувањето.

  • Посакувам Ралф да ме вклучеше или да ми дозволеше да бидам дел од оваа одлука. Тоа ќе беше знак на почит. Во текот на неговата кариера во Формула 1, имаше многу шпекулации и го замолив да ми разјасни дали е вистина сето тоа. Тој отсекогаш негираше и ми велеше дека измислувам работи, дека, можеби, ми треба психолошка помош. Како да ми го прободе срцето со нож. Објавувањето дека си хомосексуалец секогаш ги погодува луѓето околу тебе, твојата поранешна сопруга, со која имаш дете. Се чувствувам искористено во мојот брак, ги потрошив најубавите години, си поставувам многу прашања како, на пример, дали бил искрен со мене – изјави Кора.