Пропаѓа висечкиот мост кај МНТ, одлепените плочки нема кој да ги залепи

377

Висечкиот пешачки мост кај Музејот на македонската револуционерна борба и МНТ е само еден од објектите што пропаѓаат поради негрижа и неодржување, а е изграден во времето кога градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов. Повеќето од плочките веќе се одлепени и паднати долу, а надлежните никако да се сетат да го поправат тоа, иако тоа е резултат и на недоволно квалитетно изведената работа.

Овој мост остана нефункционален и по него ретко поминуваат луѓе. Мостот требаше да го олесни пристапот до МНТ, на оние што ги паркираат своите автомобили во катната гаража кај МЕПСО.    

За овој мост беа потрошни многу пари и жално е тој да биде оставен на забот на времето. Требаше да биде основа на панорамското тркало, но кога дојде новата градска власт на чело со Шилегов, одлучија да го пренаменат во висечки пешачки мост со проѕирна ограда за да не го попречува видикот од мостот „Гоце Делчев“ кон Камениот мост.

Но, очигледно е дека не знаевме да го чуваме и тоа, како и многу други објекти. Така, големата фонтана со споменикот на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ долго време не беше санирана откако, исто така, почнаа да паѓаат плочките, а слична е состојбата и со други објекти од проектот „Скопје 2014 година“.

Така, на крајот од октомври минатата година, падна парче од барокната фасада на зграда на улицата „Македонија“ во центарот на Скопје. За среќа, никој не беше повреден. Тогаш од Град Скопје се оградија за надлежноста за поправка, иако оваа институција беше надлежна во времето кога се реновираа фасадите на зградите во центарот на Скопје и кога градоначалник беше Коце Трајановски. Па надлежноста ја префрлија на станарите. И од Општина Центар се огласија за ненадлежни, иако улицата „Македонија“ е во нивна надлежност.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе бидат доградени незавршените објекти од проектот „Скопје 2014“, бидејќи, како што истакна, го грдат лицето на главниот град. Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР потенцираше дека Мицкоски, на средината од овој месец, ќе излезе на прес- конференција на која ќе каже за кои објекти точно ќе стане збор.

(А.П.) Фото: Петр Стојановски

ИЗДВОЕНИ