Телото на четвртиот американски војник е пронајдено во близина на Пабраде, во областа Швенчионис, соопшти денеска американската европска и африканска команда, пренесува литванскиот медиум ЛРТ.
„Четвртиот американски војник беше пронајден мртов во близина на Пабраде, Литванија, на 1 април“, се вели во денешното соопштение објавено на Фејсбук.
„Пред сè, изразуваме сочувство до семејствата на нашите војници“, рече генералот Кристофер Донаху, командант на американските сили во Европа и Африка.
„Не можам доволно да се заблагодарам на поддршката што ја добивме од нашите сојузници во Литванија. Се потпревме на нив, а тие, заедно со нашите полски и естонски сојузници, како и нашите морнари, воздухопловци и инженери, ни помогнаа да ги најдеме и да ги вратиме нашите војници дома.
По смртта на четвртиот војник од американскиот контингент распореден во Литванија, раководството на Националниот одбранбен систем изрази длабоко сочувство до неговото семејство.
Според соопштението на литванската војска, семејството на војникот е известено за неговата смрт. Свое сочувство изразија и литванскиот претседател Гитанас Науседа и премиерот Гинтаутас Палукас.
Тројца од четворицата американски војници кои исчезнаа на воен полигон беа пронајдени мртви вчера откако нивното оклопно возило М88 Херкулес беше извлечено од мочуриште.
Четворица американски војници кои патувале со ова оклопно возило исчезнале минатиот вторник за време на воена вежба на полигон. Акцијата за пребарување и спасување траеше една недела. Во него учествуваа литвански и американски војници, како и полски и естонски офицери и цивили.