Пронајдена нарко-подморница во Шпанија: Колумбијци уапсени за транспорт на кокаин

127
EPA-EFE/Enric Fontcuberta

Шпанската полиција соопшти дека пресретнала уште една импровизирана подморница, со која најверојатно се транспортирал кокаин од Јужна Америка во Европа, при што се уапсени четворица колумбиски државјани.

Полицијата ги фатила четворицата шверцери откако во вторникот на 518 километри западно од шпанскиот град Кадиз пронашла импровизирана подморница за дрога долга 20 метри, додека пловела кон копното.

Поради карактеристиките на пловилото и однесувањето на екипажот, властите сметаат дека превезувале кокаин, соопшти Цивилната гарда.

Екипажот бил спасен, но подморницата се наполнила со вода и потонала заедно со товарот.

Подморницата е слична на оние што властите ги пресретнаа во претходните операции во северозападна Шпанија во 2019 година, кога беа запленети три тони кокаин.

Слични пловила се откриени во Атлантскиот Океан, особено во близина на Централна и Јужна Америка. Тие обично пловат веднаш под површината на водата, од која излегува само слабо видлива издувна цевка, обично на дизел моторот што ги придвижува.