Инспекторите ја пронашле црната кутија од амбулантен авион кој се урна во населба во Филаделфија, соопшти Националниот одбор за безбедност на транспортот (NTSB).
Седум лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени во авионската несреќа, пишува американскиот дневен весник USA Today.
„Црната кутија е пронајдена на местото на несреќата, во земјата на длабочина од околу 2,5 метри. Пронајден е и уред за предупредување за близина на земја, кој исто така може да содржи податоци за летот“, соопшти НТСБ.
Во соопштението се вели дека двата уреди ќе бидат испратени на анализа во лабораторијата НТСБ во Вашингтон.
Авионот за брза помош Jet Rescue Learjet 55 полетал од аеродромот во Северна Филаделфија во петокот околу 18:30 часот и се урнал веднаш по полетувањето, удирајќи во земјата со брзина од околу 300 милји на час, според првичните извештаи за несреќата, пренесува Танјуг.
Сите луѓе во авионот – пилотот и копилотот, двајца медицински работници, пациентката и нејзината мајка – загинаа во несреќата, како и едно лице во автомобил на кој падна дел од леталото.