Реконципираниот дизајн на делот од постојаната поставка „Македонија во Втората светска војна“ е промовиран пред публиката во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Новиот концепт поткрепен со музејски предмети, примарни извори, фотографии, лични фондови… опфаќа неколку тематски целини со кои автентично се портретира клучната етапа на македонскиот народ во создавањето на независна и суверена држава. Во експозицијата претставени се Ден на народното востание, 11 октомври 1941, Идеологија, карактеристики, платформа, Оружје и воена опрема, Другите народности во македонските партизански единици, Слободни територии во 1943, Лични и семејни фондови – семејство Циривири, Лични предмети, ордени и медали доделени на генерал Михајло Апостолски, Темели на современата македонска држава – Прво заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ и Традиција што ја негуваме, односно културна меморија за НОАВМ.

Промоцијата на поставката се реализираше со едукациска работилница „Биди кустос на еден ден“ заедно со учениците од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје. Учениците имаа можност да се запознаат со музејската работа, предметите, постојаните поставки, и одблизу да искусат што значи да бидеш кустос, чувар на нашето културно наследство. Резултатите од евалуацијата на работилницата, открија голем процент на задоволство меѓу учениците за можноста на ваков начин да ги доживеат музеите и нивните приказни.

Автор на проектот е м–р Данијела Трајкова Крстиќ, виш кустос во музејот, а проектот е поддржан во годишната програма на Министерството за култура за минатата година.

Музејот ја очекува публиката секој ден освен понеделник, од 10 до 18 часот.

ИЗДВОЕНИ