Народни песни и обичаи од кривопаланечкото село Градец и околните села, собрани и запишани од авторката Мира Ѓоргиевска, новинар, поет и публицист, вечерва беа промовирани во НУ Центар за култура во Крива Паланка.
Рецензентот и промотор на книгата, проф. д-р Зоранчо Малинов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков” од Скопје рече дека флагрантното губење на обредниот фолклор ја поттикнало авторката на овој труд да се зафати со обемен предизвик, да ги регистрира и публикува речиси сите народни песни и добар дел од обичаите што некогаш, до пред една деценија, масовно се практикувале во нејзиниот роден крај.
Она што ја направи автентична промоцијата беа настапите на свирачи на изворни инструменти од кривопаланечкиот крај, како гусла или кемане, свирачи на гајда, тапан, како и претставувањето на традиционални носии од Градец, надополнети со текстуална интерпретација на обредни фолклорни песни од страна на Емилија Колевска.
Авторката ги запишала и сочувала песните и обичаите, благодарение на нејзината мајка, жив извор на традицијата и фолклорот, Лозена Николовска.
– Мотивација ми беше да го зачувам споменот на првиот и, можеби, единствен град од прастаро време на овие простори, селото Градец, низ неговите народни песни и обичаи. Овие околу 160 народни песни кои се последните уметнички креации на народот од овој крај, на свој суптилен начин не водат во еден богат свет на суштествен начин на живот, кога сè се одвивало поедноставно во духот на народната традиција и обичаи. Сакам оваа збирка да остане како траен документ за неисцрпна народна оставина од нашите предци за сегашните и идни поколенија кои ќе покажат интерес кон оваа тематска област – порача Ѓоргиевска.