„Песната е лек“ е насловот на официјалната химна на женскиот аматерски хор „Фрида од Македонија“ под раководство на вокалистката и музички педагог Сузана Турунџиева, а која заедно со спотот беше промовирана вечерва во хотелот „Арка“ во Скопје. Како што вели Турунџиева, која е и основач, но и диригент на овој хор, во кој членуваат околу 120 жени над 40 години од сите професии и вери, нивното заедничко дружење со музиката претставува позитивна терапија за душата, за умот и срцето.
„Хорот постои веќе година и половина и веќе подолг период работев на една композиција која ќе биде и наша официјална химна. Јас ја правев музиката и текстот, а Андријана Јаневска го правеше аранжманот на песната. Деновивме снимавме и спот во центарот на Скопје кој јавноста има можност за првпат да го види и за првпат да ја слушне песната “, вели Турунџиева која пее заедно со хорот.
Како што вели, идејата е сплотување и поврзување со музиката во ова стресно секојдневие.
„Членките на хорот буквално доаѓаат да најдат парче мир, време за себе, за дружење и спас од стресот. Хорот се состои инаку од две групи од по 60 членови. Двапати во годината правиме аудиција поради големиот интерес. Инаку, постојано имаме настапи. Следната аудиција ќе биде во септември, кога почнува и концертната сезона. Има и исклучоци каде и желбата е голема, но и можноста да се научи репероарот е голема“, вели Турунџиева.
Таа додава дека во рамките на нивниот концертен репертоар тие пеат песни кои се „вечно млади“, кои не стареат и никогаш не излегуваат од мода.
“Пееме обработки на песни од 50-тите, 60-тите години наваму, на познати македонски евергрини и познати светски хитови. Правиме и адаптации, пееме двогласно и тригласно, а некаде и четиригласно и иако се работи за аматери многу добро се вклопуваат во тие поделби на гласови и уживаме во тоа што го правиме“, посочува Турунџиева која со задоволство им ја пренесува својата енергија и знаење.
Така на нивните концерти можат да се слушнат светските хитови како „Light of Life“, „Dance Me to the End of Love“, „Islands in the Stream“, обработка на македонските безвременски хитови „Еден бакнеж“, „Свири ми свири“, „Роза сина“, „Бакни ме нежно“, „Галебе мој тажен“…
Следниот нивен настап им е на 11 мај кај Школка во Градскиот парк, каде ќе настапат на инклузивната манифестација „Гуш и Бац е љубов“.
Фото:П.Стојановски