Фигурината од 6 милениум пр.н.е., обетките од 3 век пр.н.е., статуата на Ерос од вториот век и златниот медалјон од 14 век, се само дел од стоте предмети од збирките на Археолошкиот музеј претставени во најновиот каталог, кој вчера беше промовиран пред јавноста. Како што посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, се работи за посебно издание кое произлезе од стогодишното постоење на Музејот, кој со својата дејност и развиток од основањето во 1924 година, па сè до денес несебично придонесува во истражувањето, заштитата, чувањето и презентирањето на нашето богато културно наследство.
„Ова вредно двојазично издание со над 150 богато илустрирани страници нè води на едно несекојдневно патување низ вековите, откривајќи важни моменти од праисторијата до античката и средновековната историја и култура на овие простори. Во него се претставени 100 артефакти што се дел од богатиот фундус на Музејот, кои овозможуваат да се оствари непосредна комуникација и увид во структурата на Музејот, поточно во сите негови збирки“, посочи Љутков на вчерашната промоција на двојазичното издание на каталогот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“, кој привлече огромен интерес кај стручни лица, но и кај лицата од политичкиот живот и дипломатскиот кор во државата, како и кај јавноста.
Директорката на оваа наша најстара и најзначајна музејска институција, Магдалена Манаскова, посочи дека каталогот е еден вид признание за посветеноста на музејските работници, но и за трудот на генерациите истражувачи и на сите оние што биле дел од оваа институција и вложиле труд во нејзиното создавање и развој.
„Трудот, знаењето, љубопитноста и истрајноста се работи кои ја движат археологијата и музејската работа напред. Каталогот не е само збирка на артефакти, тој е сведоштво за генерации истражувачи кои со страст и посветеност се занимавале со нашата професија, за да ја извлечат историјата на виделина. Тој е сведоштво за работата на кустосите кои овие предмети ги проучувале, но и признание за конзерваторите кои со своите вешти раце ги сочувале за иднината“, посочи Манаскова.
Промоторот на каталогот, професорот Драги Митревски, пак, истакна дека целта на оваа книга е да се презентира Археолошкиот музеј и заедно со претходната книга за неговиот историјат и за градење на збирките, да каже за каква институција се работи и што може да се научи. Во каталогот, истакна Митревски, може да ги видиме сите вредности што се создавале на овој простор, преку два- три примероци од секој период, вредни, помалку вредни и ексклузивни…
„Секој археолошки предмет носи порака од минатото. Туристите при првиот контакт со овој каталог ќе видат за каква институција се работи, дека таа се градела 100 години и дека се работи за голем музеј кој успеал во тие 100 години да создаде збирки од сите периоди на минатото, од најстарото суштествување на човекот на овој простор до денес, но и дека во него работеле стручњаци кои знаеле сето ова да го вреднуваат и постават на свое место“, посочи Митревски.
Инаку, богатството на Археолошкиот музеј, посочија и промоторот Митревски и министерот Љутков, се неговите збирки, а ги има 18, со над 100 илјади археолошки предмети, најголемиот дел собрани со истражувачката активност во рамките на реализираните археолошки проекти на територијата на целата држава. Тој фонд на археолошки предмети и тие збирки постојано се збогатуваат.
Меѓу артефактите кои, исто така, се најдоа во овој каталог се и чашата „Дијатрета“ од 4 век, бронзената фигурина на Дионис од 3 век, детската играчка „коњаници“ од 2 век, но и октодрахмата на пајонското племе „Дерони“ од 480 г. пр.н.е., но и прстени и ѓердани од 9 и 10 век, како и оружја и натписи на камен од праисториското, античко, средновековно одделение… (Д.Т.)