Промоција на романот „Солзотворец“ од Ерин Дум во „Јуроп хаус“ во Скопје

16

На 28 април (понеделник) во „Јуроп хаус“ во Скопје, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на македонското издание на италијанската книжевна сензација „Солзотворец“ за која ќе говори професорката Весна Мојсова-Чепишевска и авторката на преводот, проф. Радица Никодиновска. Романот е дел од специјалната едиција „Нашите приказни“ на Издавачкиот центар ТРИ.

„Солзотворец“ од современата италијанска авторка која пишува под псевдонимот Ерин Дум, го заведе светот со темната романса на главните протагонисти Ригел и Ника.

„Си било еднаш едно темно сиропиталиште. Таму живее Ника, чии приказни не носат светол крај, туку ја кријат тајната на Солзотворецот – сеништен човек кој создава кристални солзи со кои ја проникнува душата на луѓето. Кога Ника се сели кај своето ново семејство, се чини дека конечно ќе се ослободи од него, но тој е повторно тука, овој пат криејќи се во Ригел, уште едно посвоено дете со кое Ника го дели новиот дом. Од непријатели до љубовен пар – романтичната приказна на Ригел и Ника ги освои срцата на помладите читатели од Генерацијата Зет и ова дело стана вирален хит на Тикток“, велат од „Три“.

Во 2022 г. романот станува бестселер, задржувајќи се на првото место на листата на најпродавани книги пет недели по ред, а веќе во 2024 година романот доби и своја филмска адаптација во продукција на „Нетфликс“.

ИЗДВОЕНИ