Во кафе-книжарница „Буква“, на 11 април (петок), во 20:00 часот, ќе се одржи промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе. На книжевно промотивната вечер со авторката ќе разговараат Калина Малеска и Игор Анѓелков, а настанот ќе го води Ненад Стевовиќ.
Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.
Романот е во издание на издавачката куќа „Или-Или“ со поддршка на Министерството за култура.
Кица Колбе (1951) е еминентна македонска и германска прозаистка, филозофина и сликарка. Нејзини дела се: Егејци (Култура, 1990), Снегот во Казабланка, (Три, 2005 и Магор, 2007), Жените Гаврилови (Табернакул, 2008, Или-Или, 2021), Река во наследство, Ein Fluss als Erbe, (Скопје и Лангенфелд, 2009), Витезот и Византијката (Или-Или, 2020), Земја на бегалци (Или-Или, 2018, 2023).
„Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата Роман на годината 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009 г. е номиниран за наградата „Балканика“.