Промоција на романот „Јод“ од Младеновска Анѓелков во „Буква“

33

Во кафе-книжарницата „Буква“, на 23 април, во 19 часот ќе се случи промоцијата на актуелниот роман „Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков. Авторката и психологот/психотерапевт Марија Стефанова ќе ја претстават содржината на овој роман објавен кон крајот на минатата, 2024 година од издавачката куќа „Или-Или“.

-Романот што започнува како потрага по личните приказни на сезонските работници во Сплит, Република Хрватска, неочекувано го менува правецот во вивисекција на човештвото и соочување со болката од исчезнатите морални вредности. Во ослабена физичка, и дискутабилна ментална состојба, протагонистката низ едно деноноќие се соочува со неморалното и срамно однесување на поединците за кои вели дека се производ на разнишаните општествени столбови и се директна закана за опстанокот на човекот како разумно суштество. Романот е критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност, посочува издавачот.

Првиот роман на Младеновска Анѓелков – „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истиот потоа доживеа уште четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“. Застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press, како и во хрватското списание за литература „Artikulacije“ (2023) и „Michigan Quarterly Review“ (Fall 2024) објавено од Универзитетот во Мичиген, САД.

ИЗДВОЕНИ