Во големата сала на Народниот театар во Битола, в сабота, 29 март, со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „80 години Народен театар Битола“ од проф. д-р Иван Додовски. За монографијата ќе зборуваат промоторите: проф. д-р Мишел Павловски и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
Монографија е богато илустрирано издание што ја бележи историјата на растежот на институционалниот театар на македонски јазик во Битола, во периодот од 1944 до 2024 година. Напишана на 310 страници, книгата содржи и прилози за претстави, гостувања, награди, ангажирани режисери, актери, сценографи, костимографи и за сите други творци што оставиле печат во осумдецениското траење на овој Театар. Оваа публикација е значајно сведоштво за еден растеж и за достигнување врвни уметнички вредности што станале неизоставен дел од македонската културна меморија.
Од првата претстава „Ѓоре Магаревски“ одиграна на 14 ноември 1944 година до новата верзија на оваа едночинка во 2024, Народниот театар во Битола остварил извонреден подем, издигнувајќи се од мала локална институција во признат ансамбл што со успех има гостувано во регионот и во Европа, како и во САД, Австалија и во Кина.
Како што забележува авторот на монографијата, Додовски, во осумте децении постоење, во Битолскиот театар биле поставени вкупно 569 премиери, со вкупно 11.670 изведби, кои ги виделе околу 3,2 милиони гледачи. Сумарно погледнато, околу дваесет проценти од репертоарот биле дела од најзначајните домашни автори. Исто така, на битолската сцена досега работеле 135-мина режисери, од кои 77-мина се македонски режисери, а гостувале 58-мина режисери од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Русија, Романија, САД и од други земји. Деценијата од 1985 до 1994 може да се нарече златен период на Народниот театар во Битола. Апсолутен рекорд бил поставен во 1992 година, кога биле прикажани 226 изведби за 84.645 гледачи.
Рецензенти на ова монографско издание се проф. д-р Сузана Киранџиска и проф. д-р Мишел Павловски, уредници се Билјана Крајчевска и Оливера Павловиќ, а во прибирањето на податоците и во подготовката, како стручен тим од Народиот театар во Битола, учествуваа: Стеванка Вељановска, Билјана Вржовска, Сашо Илковски, Марија Козарова, Билјана Крајчевска, Александар Митровски, Филип Ошавков, Оливера Павловиќ и Владимир Переловски. Дизајнот на монографијата е на Сергеј Светозарев. Публикацијата содржи богата збирка фотографии од архивот на НТБ.