Во Кинотеката на Македонија, вечерва (21 jануари), со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист. Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, искуства ќе споделат и неколку актери, директори на фотографија и монтажери, соработници на Бојаџи, а ќе има можност и за прашања и одговори од публиката кон авторот. Ќе биде покажан и трејлер од долгочекуваниот нов проект „Утре наутро“!
-Книгата „Гледна точка“ навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“, посочува д-р А. Чуповски кон книгата.
Јани Бојаџи е познат македонски режисер, продуцент и сценарист, кој зад себе има повеќе од десетици филмски и телевизиски проекти. Тој е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија на Интернационален универзитет Europa PRIMA. Во 2023 година, Бојаџи станува основач на платформата „Кинемое”, која е наменета за македонска продукција за филмови и серии. Тој е директор на Фестивалот „Преку езерото“, кој се одржува еднаш годишно во Дојран од 2023 година.