Романот на годината за 2023, „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, во издание на „Три“, ќе биде промовиран на 26 февруари во 19:00 часот, во „Везилка“ во Битола. Промотори на книгата ќе бидат Виолета Тачева-Златева и Сашо Огненовски.
„Единствен матичен број“ е роман што ги синтетизира сите несреќи на ова тло, во внатрешното отуѓување на човекот и во неодговорените прашања, делејќи го идентитетот на замислен и вистински. Лидија Димковска зборува за сивата неприпадност и за бездушноста, која е предзнак на пустелијата, вовлечена во нашето секојдневие.
– Исклучително актуелен, исткаен со препознатливиот комплексен и сигнификантен стил, ова е еден од најубавите романи во македонската проза, овенчан со најголемата книжевна награда во земјата – се вели во најавата за романот.
На промоцијата ќе присуствуваат авторката Лидија Димковска и Катерина Богоева, претставничка на фондацијата „Славко Јаневски“.
Инаку, деновиве, жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав Лидија Димковска (минатогодишен лауреат и претседател на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал Асади и Катерина Богоева, ја направи и првата селекција, избирајќи 20 од 43. пристигнати наслови на годинашниот конкурс.
Комисијата има обврска да соопшти за наградениот роман најдоцна до 15 март.