Промоција на четиритомното издание „Пролегомена за македонската фотографија“ од Златко Теодосиевски

10

Во Културно-информативниот центар во Скопје на 6 февруари, во 12 часот ќе се одржи промоција на проектот „Пролегомена за македонската фотографија“ од историчарот на уметност, критичар и публицист Златко Теодосиевски. Четиритомното издание е прв ваков проект кај нас, посветен на историскиот развој на македонската фотографија од 1855 до 2020 година. На промоцијата ќе зборуваат Кирил Штрков, Александар Кондев и Страхил Петровски.

Низ четирите тома Теодосиевски ги следи процесите и творештвото на бројни македонски фотографи и креативните раскрилувања на македонската фотографија кај нас и нејзиното макотрпно етаблирање во редот на визуелните уметности во Македонија.

– Основната идеја на проектот беше/е, низ критички пристап, на едно место да ја синтетизира досегашната историја на фотографијата во Македонија според сознанијата и видувањето на авторот. И ова е прв таков посеопфатен обид кај нас. Притоа, проектот го наметнува и клучното прашање: ја стекна ли фотографијата довербата на македонската историја на уметноста, на стручните кругови, на уметничките институции – велат организаторите на промоцијата.

Првиот том е посветен на критички согледувања на досегашните извори и интерпретации на фотографијата како медиум кај нас, па следствено и на македонската фотографија, како и некои теориски прашања сврзани со природата на медиумот, дали фотографијата може да се третира (и) како уметност, што тоа значи во македонски услови итн.

Вториот том е посветен на фотографијата во Македонија помеѓу 1855 и 1945 година и го проследува историскиот развој и естетските димензии на фотографијата низ творештвото на браќата Манаки, Ошавков, Димкаровски, Бељан, Јолевски и други, потоа творештвото на Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Ѓорѓи Попов, Лазо Величковски итн.

Третиот том – „Фотографијата во Македонија 1945-1990“ поопстојно се занимава со современата македонска фотографија по Втората светска војна вклучувајќи ја анализата на творештвото на бројни автори, меѓу кои и доајените Живко Јаневски, Душко Јовановски, Александар Кондев, Александар Цветиновски, Мирза Ченгиќ, Васил Боглев, Роберт Јаки и други.

Во последната, четврта книга „Фотографијата во Македонија 1990-2020“ Тетодосиевски го обработува развојот на македонската фотографија по осамостојувањето и појавата на новите генерации македонски фотографи, меѓу кои и творештвото на Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Раде Луковиќ, Кирил Штрков, Душан Доцевски, Зоран Здравев …, како и релативно помладите генерации автори како Јана Луловска, Сашо Алушевски, Страхил Петровски, Осман Демири, Весна Каревска Пукиќ и други.

Проектот е финансиран од Министерството за култура како проект од национален интерес.

ИЗДВОЕНИ