Општина Битола утврди програма за развој на туризмот, со која ќе финансира промоција на активности во функција на Националниот парк „Пелистер“, како и ангажман на локални здруженија на граѓани.
Од Општина Битола информираат дека за развој на туризмот изработени се и имплементирани неколку студии, но има место за нови и поиновативни.
Во 2025 година, Општина Битола ќе финансира промоција на активности преземени од страна на НП „Пелистер“, за развој на туризмот во националниот парк. Со средства на локалната самоуправа ќе бидат финансирани изработката на студија за развој на летен и зимски туризам на Пелистер, како и работата на здруженија на граѓани кои се посветени на активности за унапредување на туризмот.
За реализација на програмата, Општина Битола ќе издвои 5 милиони денари, а средствата ќе бидат обезбедени од надоместокот за добивање на лиценца за угостителска дејност, како и од редовната комунална такса за привремен престој во градот.