Промоција на книгата „Анимистичите концепти во сказните“ од Розе Нешковска Славковска

64

Утре (четврток), со почеток во 19 часот, во Едукативниот и културен центар „Лабораториум“ во Скопје (на бул. „Св. Климент Охридски“), ќе биде промовирана книгата „Анимистичките концепти во сказните“ од Розе Нешковска Славковска, која неодамна ја публикуваше „Македоника литера“.

Книгата ќе ја промовира проф. д-р Трајче Стамески, кој е и автор на поговорот во книгата. Во книгата е објавен предговор од проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ.

Предмет на истражување во овој труд е анимистичкиот концепт за надворешната душа и неговото присуство во македонскиот сказничен фолклор. Анимистичките претстави во сказните се толкуваат од аспект на примитивните анимистички концепти кои се универзални во сказните на сите народи во светот. Книгата содржи интерпре­та­ции на фолклор­ните мотиви со митолошко-ритуалистичката експли­кација на врвните митолози, антрополози и фолклористи во светот, а резултатите се применети во повеќе научни дисцип­ли­ни: фолклористика, антропологија, компаративна митологија и историја на религиите.

Прикажувајќи ги анимистичките концепти во македонскиот сказничен фоклор, оваа книга ги продолжува и ги надградува постојните истражувања на овој феномен во македонската фолклористичка наука. Новитетите и знаењата кои ги нуди се особено значајни во делот на интерпре­та­цијата на македонските волшебни приказни (сказни) од повеќе тематски аспекти на анимизмот и сите негови значенски моди­фикации.

Особено значајни за македонската фолклористичка наука е анализата на аспектите на метаморфозата на надворешната душа во сказните запишани од Кузман Шапкарев и Марко Цепенков. Во овој дел од книгата, Нешковска Славковска нуди релевантна типоло­ги­ја на мета­мор­фозите на душата во материјален или нематеријален објект, како и комбиниран тип на преобразби со солидна научна интерпретација врз апликативен материјал од повеќе репрезентативни македонски волшебни приказни: „Бабината мома Злата Позлатена“, Силјан Штркот“, „Дуња Ѓузели и царскиот син“, „Четириесетте царски синои и чети­рие­сетте снаи, големата змија, Ламјата, Арапо, Царо и Дерви­шот“ и др.

Розе Нешковска Славковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а магистрирала во 2016 година на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Оваа книга е ревидирана верзија на магистерскиот труд подготвен под менторство на проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ.