Општина Крива Паланка ќе го реализира проектот за реконструкција и изградба на главната улица „Свети Јоаким Осоговски“, но без првично проектираните проширување од Градскиот музеј до Соларскиот мост и кружен тек кај мостот за поголема безбедност на сообраќајот.
Ова го соопшти градоначалникот Сашо Митовски, а одлуката е донесена по добиените бројни претставки од граѓаните и по извршените теренски консултации и презентации.
– По бројните претставки од граѓаните и по извршените теренски консултации и презентации, локалната самоуправа ги донесе следниве одлуки: нема да се врши проширување на улицата и изградба на третата лента. Наместо тоа, ќе им биде даден приоритет на основната санација и на подобрувањето на постојната инфраструктура. Откажување од изградбата на кружен тек кај Соларскиот мост. Првично предвидениот кружен тек во овој дел од улицата нема да се изведува, а сообраќајното решение ќе биде предмет на понатамошни стручни анализи и консултации. Донесена е одлука за продолжување на градежните активности во наредниот период, со цел основна рехабилитација на улицата, која вклучува: обнова на коловозната површина, замена на рабниците, реконструкција на тротоарите и замена на уличното осветлување – информира Митовски.
Тој најави дека во следниот период, Општината ќе пристапи кон изработка на детална стручна студија за анализа на можностите за идно сообраќајно решение.
– Во рамките на студијата ќе се разгледа и опцијата да биде ставен градскиот плоштад во функција на колски сообраќај, во одредени временски интервали – наведува Митовски, заблагодарувајќи се за досегашните разбирање, доверба, трпение и поддршка од сите граѓани.
Проектот за реконструкција на главната улица „Свети Јоаким Осоговски” беше предвиден во две фази, втората беше завршена, со реконструкцијата на улицата од мостот кај населбата Единство до крстосницата кај Градскиот музеј, а измените на основниот проект се однесуваат на првата фаза, наведена во известувањето.
Вкупната вредност на проектот изнесуваше околу 35.000.000 денари обезбедени од Светска банка, преку Министерството за транспорт.