ПроКредит банка отвора бизнис-академија преку која ќе овозможи бесплатна поддршка за професионална едукација за сопствениците, односно управителите на малите и микро претпријатија кои имаат амбиција за раст и развој.

Препознавајќи го потенцијалот на малите претпријатија, со оваа академија сакаме да ги поддржиме храбрите претприемачи на кои им е потребен пристап до знаење и практични совети за да го направат следниот голем чекор, информираше менаџерскиот тим на вчерашната промоција на проектот.

Академијата е креирана за градење клучни претприемачки вештини и се состои од пет модули: Разбирање на финансиски концепти; Продажба за мали бизниси; Развивање на комуникациски вештини и когнитивни рамки; Интерно претприемништво и Дигитална трансформација. Модулите ќе се реализираат во соработка со врвни експерти и консултанти кои имаат долгогодишно искуство во работа со мали претпријатија за подобрување и унапредување на нивниот бизнис преку надминување на предизвиците со кои се соочуваат.

Учеството на Бизнис академијата е без финансиски надомест, како дел од континуираната инвестиција на ПроКредит банка за градење вештини и капацитети кај локалните претприемачи. Сите заинтересирани можат да аплицираат до 30 март 2025, а потоа во процесот на селекција ќе се одберат 90 учесници, кои ќе се приклучат на првата ПроКредит бизнис-академија.

Оваа бизнис-академија нуди пристап до интерактивни работилници предводени од искусни професионалци, вмрежување и консултантска поддршка, дополнителна финансиска едукација и модули.

-Академијата ќе се реализира во периодот април – октомври 2025 година преку пет модули, а секој модул ќе трае еден работен ден во месецот, најавија менаџерите.

Модулите ќе бидат водени под менторство на искусни професионалци од консултантската компанија Алпхабет Гроуп, која повеќе од 7 години им помага на малите и средни бизниси и организации да го реализираат својот целосен деловен потенцијал преку иновативни и искуствени обуки и програми за развој.

ИЗДВОЕНИ