Просечната нето-плата на програмерите во Македонија, според Државниот завод за статистика, за јануари изнесува 99.367 денари (1.600 евра) и таа е највисока во државата. Ако се спореди со просечната плата во Словенија, која изнесува 1.569 евра, тоа значи дека програмерите во Македонија со своите месечни примања се речиси на исто ниво како просекот на словенечките плати.
Статистика пресмета кај нас просечната исплатена нето-плата во јануари во земјава изнесува 43.050 денари и е повисока за 8,9% во однос на јануари минатата година. Зголемувањето се должи на просечната исплатена плата во секторите „уметност, забава и рекреација“, каде што зголемувањето е за 15,6% и просекот на плата е 43,927 денари, потоа во „административни и помошни услужни дејности“ каде што растот е за 12%, а просекот на плата изнесува 34.045 денари и „образование“, каде што платите пораснале за 11,4% и изнесува 42.936 денари.
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец е забележано во секторите „градежништво“ каде што платите се намалени за 6,6% и просечно се во висина од 38.435 денари, во „преработувачка индустрија“ платите се намалиле за 3,5%, а просечниот износ на плата во овој сектор е 37.021 денар и во „финансиски дејности и дејности на осигурување“, каде што платите се намалиле за 4,5% и изнесуваат просечни 57.903 денари.
Најниската просечна плата од 30.932 денари во јануари е исплатена во секторот „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“. Највисок просек на плата е исплатен во секторот „информации и комуникации“ од 80.215 денари. Платата на програмерите споредена со декемвриската кога просекот изнесуваше 101.972 денари, е пониска за 2,6%. Пад од 52,6% на јануарскиот просек на плата во однос на декември има кај воздухопловниот транспорт кога таа изнесуваше 136.702 денари.
Во последниве неколку години просечната плата има тенденција на раст, благодарение на зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и одливот на работна сила во странство. Во последните десет години просечната плата во Македонија пораснала за околу 97%. Ако во јануари 2015 година просечната плата била 21.828 денари, во јануари 2025 изнесува 43.050 денари или 700 евра.
И покрај континуираниот раст, Македонија останува закотвена речиси на дното во Европа и регионот според висината на просечната плата. Освен во Словенија, подобро од нас заработуваат работниците во Србија, во просек 924 евра месечно, во Босна и Херцеговина земаат 790 евра, во Црна Гора 1.004 и во Хрватска 1.392 евра месечно.