Прогласена вонредна состојба на Санторини: Евакуирани над 11.000 луѓе, земјотресите од ден за ден сѐ посилни

513

По серијата земјотреси на грчкиот остров Санторини прогласена е вонредна состојба, јавуваат грчките медиуми. За девет дена на ова подрачје се забележани дури 7.700 земјотреси. Повеќе од 11.000 луѓе веќе го напуштиле Санторини, од кои околу 7.000 отишле со траект, а 4.000 со авион.

Одлуката за прогласување вонредна состојба доаѓа откако во средата вечерта беше регистриран земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала, кој воедно е и најсилен досега. Вонредната состојба ќе биде на сила до 3 март за „да се одговори на итните потреби и да се отстранат последиците“, соопштија официјални лица.

Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран и југозападно од островот Аморгоса во четвртокот наутро, по 57 потреси меѓу полноќ и 7 часот наутро, јавува Би-би-си.

Засега не е забележана поголема штета на островот, но властите преземаат мерки на претпазливост и се подготвуваат за силен земјотрес. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се очекува во петок да го посети Санторини.

Се очекува нов бран земјотреси
Василис Карастатис, директор на Геодинамичкиот институт изјави дека „земјотресите продолжуваат со истото темпо како и претходните денови и ќе бидат интензивни“.

„Имаме доста голем број земјотреси над четири степени. Сепак, не сме во позиција да кажеме дека овие земјотреси ќе завршат во наредниот период. Се уште сме на средината на патот. Не видовме никаков знак за повлекување“, рече тој.

Санторини пречекува милиони туристи годишно. Во моментов не е сезона, што значи дека локалните жители и работниците го сочинуваат најголемиот дел од евакуираните.

Пустите улици на Санторини
Честите и сега силни земјотреси во морската област меѓу Санторини и Аморгос принудија илјадници граѓани да го напуштат островот. Како што можете да видите на фотографиите, улиците на едно од најлуксузните одморалишта се целосно празни.

Да потсетиме, островот Санторини е зафатен од бројни земјотреси, чиј интензитет се зголемува. Поради ова постоеше опасност од можна ерупција на Вулан, како и цунами.

ИЗДВОЕНИ