Прогласена седумдневна жалост по трагедијата во Кочани: Ден на жалост ќе биде прогласен и во Србија и Црна Гора

145

Владата донесе одлука за прогласување на седумдневна жалост на територијата на целата држава по трагедијата во Кочани во која загинаа 59 луѓе.

„На денешната вонредна владина седница по трагичниот настан во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа, Владата донесе одлука за прогласување на 7 дневна жалост на територија на целата држава. Секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на министерството за огромната несреќа која се случи“, соопштија од Владата.

Ден на жалост утре (понеделник) ќе биде прогласен и во Црна Гора, соопшти премиерот Милојко Спајиќ.

„Владата на Црна Гора стои на располагање во овој тежок момент на сите потребни начини да застане со пријателскиот народ на Северна Македонија“, рече Спајиќ, пренесува РТЦГ.

Ден на жалост ќе биде прогласен и во Србија во вторник.

„Премиерот Милош Вучевиќ и претседателот Александар Вучиќ утрово разговараа за трагедијата во Кочани во Северна Македонија, каде во пожар во дискотека настрадаа голем број граѓани, по што е одлучено 18 март да биде Ден на жалост во Србија“, се наведува во соопштението на Владата на Србија, пренесува Н1.

На седницата на македонската Влада, била донесена и одлука со која се задолжува Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти – кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор, на територијата на државата и за наодите од надзорот да ја известат Владата, за, како што велат, да се утврди фактичката состојба дали работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата.

Исто така, Владата донесе заклучок за активирање на механизмот за барање на меѓународна помош.

„Воедно, Владата ја информира јавноста дека во соработка со Министерството за внатрешни органи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се прибираат материјални докази и дека секој еден којшто е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара“, посочија од владиниот кабинет.

„Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените“, додадоа од Владата.

ИЗДВОЕНИ