Галеријата на Музејот на град Скопје вчеравечер беше претесна за сите оние кои дојдоа да се заблагодарат на својот учител, и уште еднаш да му искажат почит за сета љубов и внимание подарена за време на студиите
„Почитуван професоре Анастасов, среќен и благословен 90-ти роденден. Ние, вашите деца-ученици, расеани низ светот, сме во постари години и пред пензионирање, но секогаш со задоволство ќе се сеќаваме на вашата големина, посветеност и елоквентност како наш драг учител, соговорник, пријател и заштитник. Вашата големина како педагог и наш професор се истакна и по тоа што сите студенти ги третиравте и почитувавте подеднакво и работевте и разговаравте со сите индивидуално и педагошки јасно и темелно… Ја изразуваме нашата бескрајна почит и благодарност за целото ваше непроценливо искуство и знаење што ги споделивте со нас и успеавте на најубав можен начин да ни ја пренесете вашата магична љубов кон уметничката професија…“, со овие зборови Славчо Ј. Соколовски од Кембриџ, Масачусетс, преку емотивно писмо во име на сите свои колеги уметници, му го честиташе 90. роденден на својот учител Родољуб Анастасов кој и самиот присуствуваше на изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, која токму во негова чест и во атмосфера полна со емоции, беше отворенавчеравечер во Музејот на град Скопје. Присутните имаа можност да ги видат делата на 43 уметници, негови некогашни ученици, денес реномирани уметници и педагози, кои живеат и работат во Скопје, но и во Америка, Австралија, Швајцарија, Германија…
Галеријата беше претесна за сите оние кои дојдоа да се заблагодарат на својот учител, и уште еднаш да му искажат почит за сета љубов и внимание подарена за време на студиите.
„Ова е исклучителен проект и големо е задоволство што изложбата се реализира во Музејот на град Скопје, со кој Родољуб Анастасов има долга врска и во кој се чува колекција од негови речиси 500 уметнички дела. Гледајќи ги вечерва делата на сите негови ученици, можам да кажам дека и покрај сите проблеми Македонија има со што да се гордее. Може да се гордее со своите уметници кои во ништо не заостануваат зад европските и светските уметници“, посочи директорот на Музејот на град Скопје, Панче Велков.
Со оваа изложба завчеравечер како да се отвори портата на временската капсула која многумина ги врати повеќе од 25 години наназад евоцирајќи спомени за атмосферата на часовите на Анастасов на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
„За творештвото на Анастасов се испишани стотици страници, реализирани се голем број изложби. Анастасов во времето на Југославија, всушност, беше еден од уметниците кои беа во репрезентацијата на југословенската современа уметност претставена насекаде во светот. Тој всушност е светски познат автор и за неговото творештво постојат позитивни критики насекаде низ светот. Токму и затоа Американскиот биографски институт, Анастасов го имаат вброено меѓу 1450 луѓе во енциклопедијата „Најголемите умови на 20 век“. Она, пак, што е важно за самата изложба е целата топла атмосфера која од првиот момент се споделува“, вели Јасминка Намичева, куратор на изложбата.
Од уметниците, неговите ученици, пак, можеше да се слушне дека тој бил строг професор, но правичен и човечен, којшто им всадил високи вредности.
Со големо задоволство и извонредни сеќавања за педагошката работа на Анастасов, на изложбата со свое дело се одѕваа реномираните уметници: Новица Трајковски, Катерина Апостолска де Сиро, Славчо Соколовски, Бојана Артиновска, Јован Шумковски, Благоја Маневски, Константин Качев, Симонида Филипова Китановска, Жанета Вангели, Ѓорѓи Томовски, Миро Масин,Станислава Шаровиќ, Страхил Петровски, Ванчо Јаков, Малка Конеска, Борис Шемов, Елизабета Наумческа, Адем Сулејмановски, Новица Арсовски, Димитар Младеновски, Јован Балов, Ристо Мијаковски, Јулијана Гешоска, Светлана Коруновска-Аџигогова, Виолета Сиљан, Владо Мукоски, Соња Куновска, Марија Величковска, Милош Милосављевиќ, Александар Спасовски, Весна Ничевска, Перица Георгиев-Пепси, Јана Куновска, Трајче Чатмов, Гордана Вренцоска, Александар Иванов, Наташа Андонова, Влатко Костовски, Слободан Биневски, Филип Блажевски, Тања Таневска, Горјан Ѓорѓиев и Лиле Јовановска.
„Таа нишка што Анастасов ја создал со своите ученици сега се покажува како топол, човечки момент. Инаку, покрај делата на студентите и учениците изложуваме и една негова слика, автопортрет со птица, како и уште две негови дела кои се од 1958 и 1959 година, „Мајка со дете“ и „Татко со дете“. Тоа се всушност неговите студентски дела и досега не биле изложувани“, вели Намичева.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 18 март. (Д.Т.)