Делегацијата на меѓународната транспортна асоцијација БСЕЦ-УРТА, која е унија на патните транспортни асоцијации во регионот на економската соработка на Црното Море, со претставниците на Европскиот парламент и на ЕК, побарала изземање на возачите од регионов од општите правила за влез во ЕУ, што е привилегија што ја имаат екипажите во поморскиот, авионскиот и во железничкиот транспорт. Имено, професионалните возачи од земјите што не се членки на ЕУ имаат право да престојуваат во Шенген зоната без виза 90 дена, во период од 6 месеци (180 дена), а секој престој подолг од 90 дена мора да биде покриен или со долгорочна виза или со дозвола за престој издадена од земја членка, можност што ја имаат туристите што влегуваат во ЕУ. Оливера Миовска, потпретседател на БСЕЦ-УРТА, која ја предводи македонската транспортна асоцијација БЕСТ МОБИЛИТИ – НТА, вели дека се добиени позитивни сигнали од Европскиот парламент за можно решавање на проблемот со престојот во Шенген зоната
Професионалните возачи од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Турција и од Молдавија се погодени од регулативата за ограничување на нивниот престој во земјите на Европската Унија. Имено, професионалните возачи од земјите што не се членки на Европската Унија имаат право да престојуваат во Шенген зоната без виза 90 дена, во период од 6 месеци (180 дена). Според законодавството на ЕУ, овој безвизен период не може да се продолжи, така што секој престој подолг од 90 дена мора да биде покриен или со долгорочна виза или со дозвола за престој издадена од земја членка, можност што ја имаат туристите што влегуваат во ЕУ.
Токму за промени во оваа регулатива, но и за многу други проблематични транспортни прашања, било разговарано на средбата во Брисел на делегацијата на меѓународната транспортна асоцијација БСЕЦ-УРТА, која е унија на патните транспортни асоцијации во регионот на економската соработка на Црното Море, со претставниците на Европскиот парламент и на Европската комисија. Од претседателот на БСЕЦ-УРТА, Едуарт Каса, било побарано изземање на возачите од регионов од општите правила за влез во ЕУ, што е привилегија што ја имаат екипажите во поморскиот, авионскиот и во железничкиот транспорт.
– Дискутиравме и за проблемите на границите, со акцент на граничните премини Србија – Хрватска (затворање на граничниот премин Шид), Турција –Грција (неопходно подобрување на инфраструктурните капацитети на граничниот премин Кипи) и Турција –Бугарија (дезинфекција на возилата). Нагласивме дека ако продолжат овие проблеми, транспортната индустријата во овој дел на Европа ќе нема одржливост, иако постојат позитивни практики на зелените ленти (one-stop-shop), поедноставени постапки што значително придонесуваат за забрзување на граничното преминување – вели Оливера Миовска, потпретседател на БСЕЦ-УРТА, која, инаку, ја предводи македонската транспортна асоцијација БЕСТ МОБИЛИТИ – НТА.
Миовска вели дека Елисавет Воземберт, претседателка на Комитетот за транспорт и туризам во Европскиот парламент и член на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на ЕП, дала позитивни сигнали за можно решавање на проблемот со престојот во Шенген зоната.
– Возенберг и претставниците на нејзиниот кабинет се согласија дека визното прашање и застојот на границите се голема пречка за одржливиот транспорт. Добивме ветување дека ќе се заложи, користејќи ги своите ингеренции за решавање на овие состојби и организирање јавно сослушување пред Европскиот парламент, каде што претставникот од БСЕЦ-УРТА ќе има свое обраќање. А, како претседавач на „Транскомитетот“, Воземберг ни даде ветување дека ќе ги стави визите и проблемите со граничното преминување високо на својата агенда и дека ќе се залага за итно решавање – истакнува Миовска.
На состанокот со еврокомесарот Апостолос Цицикостас задолжен за одржлив транспорт и туризам и со неговиот кабинет, биле претставени состојбите во транспортот и предизвиците со кои се соочуваат транспортните компании од регионов.
– Истакнавме дека во системот ЕЕS (Entry/Exit System) за влез-излез во земјите на ЕУ, возачите треба да бидат посебна категорија мобилни работници, прекугранични работници, со еден збор, професионални возачи и како такви да имаат посебни визи без ограничување на престојот во ЕУ. Наидовме на разбирање, поддршка и ветување дека ќе го достави ова барање, како еврокомесар за транспорт и туризам, до DG HOME (Directorate-General Migration and Home Affairs), под чија надлежност е визното прашање. Двајцата високи претставници од ЕУ се согласија дека возачите во патниот транспорт треба да бидат признаени како професија меѓународен возач и да имаат слични права како во другите транспортни видови: железничкиот, бродскиот и авионскиот, во однос на патувањето и престојот на територијата на ЕУ – наведува Миовска.
За разговорите во Брисел со високите претставници за транспорт и за пораката добиена на овие средби, на почетокот од неделава се информирани во Министерството за транспорт и врски.
– Верувам дека напорите направени од делегацијата на БСЕЦ-УРТА ќе доведат до значајни промени во однос на олеснувањето на граничното преминување, признавањето на професијата меѓународен возач и на меѓународниот транспорт воопшто – додава Миовска.
Унијата веќе еднаш го одби барањето за изземање на професионалните возачи од ограничениот престој во Шенген зоната и им предложи да аплицираат за продолжување на престојот. Тоа значи дека ќе треба да добијат работна виза која подразбира вработување и обезбеден престој во Шенген зоната. Претседателот на Здружението на транспортери за внатрешен и за меѓународен транспорт на Република Српска, Никола Грбиќ, пред една недела изјави дека ваквата мерка ќе ги натера возачите да заминат на работа во странство, со што ќе поскапат транспортните услуги и до 30 проценти, нешто што нема да може да го издржат транспортните компании во регионов.
Грбиќ потсети дека од 2019 година, околу 7.500 професионални возачи ја напуштиле БиХ и дека сега на секоја компанија во државата ѝ недостигаат од 5 до 50 возачи. Таква е ситуацијата и во другите земји од регионот.
(С.Бл.)