Усовршување на пристапот при употреба на формулата за пресметка на реципрочните царини од страна на двете земји (мислам на САД и Македонија), со цел, ние како земја да сме сигурни дека реципрочните трговски практики ги штитат американските интереси без ненамерно оптоварување на пазарите во развој кои се политички и економски усогласени со САД (читај: македонскиот пазар)
На крајот на март допатував во САД, на покана на Американско-Балканската Стопанска комора, која неодамна се основа во Њујорк. Останав во Чикаго, на краток научен престој, од каде што, сега се обраќам. Би рекол, ваквата иницијатива за здружување на балканските стопанственици со американските, се направи во вистински момент. Токму кога се реализираат неколку значајни глобални поместувања во економијата.
Имено, деновиве сме сведоци, како стручна јавност, САД под водство на претседателот Доналд Трамп, воведе царини. Нешто што беше дел од неговата изборна програма и дел од добро обмислена претходна стратегија, која сега се аплицира. Во насока на тоа, тука во САД, претседателот Трамп изјави дека нема да ги паузира царините. Како што рече „не го разгледуваме тоа“.
Оттука, неговите оправдувања за ваквите потези се дека САД имаат долг од 36 трилиони долари со причина. Затоа, целите на неговата администрација се да разговара со многу земји, вклучително и со Кина, за тоа, како, Американците да си ја подобрат состојбата на огромната задолженост во иднина. Тоа ќе го направи со поставување на фер договори со секоја земја, како што истакна, а ако со некоја земја не постигне фер договор за трговска размена, тогаш САД нема да соработува со истата. Тука, во неговиот најтесен табор, преовладува мислењето дека САД се измамени од многу земји во текот на изминативе години. Затоа нивното мото е: „Не може повеќе да го правиме ова. Ве молам, ајде да преговараме“.
Според мене, а важно за македонските граѓани, сакам да напомнам дека ваквите потези на Трамп, треба да се гледаат од две стојалишта.
Прво, со директната загриженост, ние, не треба да гледаме кон воведувањето на царините од САД кон Македонија. Зошто? Новата американска тарифна формула претставува можност за рекалибрирање на трговските односи со Македонија. Тоа подразбира усовршување на пристапот при употреба на формулата за пресметка на реципрочните царини од страна на двете земји (мислам на САД и Македонија), со цел, ние како земја да сме сигурни дека реципрочните трговски практики ги штитат американските интереси без ненамерно оптоварување на пазарите во развој кои се политички и економски усогласени со САД (читај: македонскиот пазар). Да не заборавиме, сепак, САД е наш најголем стратешки партнер. Затоа, од ова прво стојалиште, може да се гледа на ваквата состојба како можност, САД и Македонија повторно да ги разгледаат трговските практики, да ги зајакнат економските врски и да ги модернизираат тарифните механизми за заедничка корист.
За да го поткрепам ова, треба да имаме разбирање на формулата и како тоа влијае врз македонската економија. Имено, реципрочниот тарифен механизам применува формула заснована на билатерални трговски биланси, и тоа:
Тарифна стапка (%) = (Трговски дефицит на САД / Увоз на САД од земја) ÷ 2, со минимален тарифен праг од 10%.
Иако е јасна, формулата може да донесе големи царински стапки за земји со помал обем на трговија, особено кога постојат недоследности на податоците помеѓу изворите на САД и земјите партнери. Случајот со Македонија е таков.
Трговска слика: Македонија и САД
Официјалните податоци од двете земји велат дека има несовпаѓање во податоците за трговијата. Оттука, ако се погледне во македонските официјални бројки ќе се види дека Македонија има трговски дефицит со САД во износ од 77,7 милиони долари и царина од 33 отсто. Од друга страна, податоците од САД говорат дека САД има суфицит од 113 милиони евра и 0 отсто царина. За двете земји како клучни сектори за трговската размена се: автобуси, тутун и електрични компоненти.
Препорака: Билатерално усогласување на податоците за да се обезбеди правична примена.
Второ, стојалиште на загриженост од ваквата политика на царини од САД, може да има во индиректната негативна последица по македонската економија. Тука, би рекол дека ризиците треба да ги подигнеме на повисоко ниво и да направиме диверзификација во портфолиото на економска соработка со странство. Особено треба да загрижува зависноста од трговската размена на Македонија со Германија. Практично, наш најголем трговски партнер претставува токму Германија, каде што ние извезуваме 45 отсто од вкупниот извоз на земјава, а германската економија има 27 отсто удел во вкупната трговска размена на Македонија, за 2024 година.
ММФ во поглед на ваквите состојби во САД и нивно глобално влијание ќе истакне дека во 2025 година се очекува надолна ревизија на прогнозите за глобален раст (кој сега изнесува 3,3 отсто), но нема да има брза рецесија. ЕУ лидерството, пак, ветува дека ќе заземе силен единствен став против американските царини, а притоа предупредува на фрагментација на синџирите на снабдување. Исто така, состојбата на берзите е нестабилна. Тамошните превирања, ако може така да кажам, се изразени преку индексот на нестабилност (The Cboe Volatility Index), кој, сега се искачи над 50, што се совпаѓа со оние состојби од времето на пандемијата со ковид-19.
Важно, за состојбите во американската економија е толкувањето на овдешните аналитичари кои даваат дури 60 отсто веројатност дека САД во 2025 година ќе влезат во рецесија, ако се реализираат т.н. одмаздувачки тарифи и состојбите ескалираат. Од ова, можам да извлечам заклучок дека рецесијата на САД може да биде избрана стратегија, кои сами ќе ја предизвикаат како дел од стратегијата на претседателот Трамп. Со тоа, може да се направи супер притисок од страна на ФЕД за многу брза и силна експанзивна монетарна политика, со многу ниски камати и бум во наредната 2026 година. Но, инфлацијата треба да биде во фокусот, под контрола исто така. Останува да видиме. Јас сум на мисла дека нема економски аналитичар кој може да има јасни и точни проекции во овој момент.
(авторот е генерален менаџер на Хајделберг факултет во Скопје)