Проф. д-р ЉУПЧО ЈАНЕВСКИ: Каков град ќе изградиме во таков ќе живееме

28

Се ближат повторно локалните избори во Македонија и сè повеќе се случува вообичаениот декор на млади амбициозни политичари кои им намигнуваат на своите партии и со своите изјави за спремност на предизвикот градоначалник и наметнуваат со надеж за партиска поддршка. Сепак, во многу нешта овие избори ќе бидат различни од претходните бидејќи очигледно е која политичка партија барем за сега е супериорна во својата победа без разлика на кадрите кои ќе ги промовира за градоначалници и листите за советници во општините.

Но дали е тоа баш така?

Да потсетиме дека градот Скопје во 90-тите години од минатиот век, односно пред само 35 години, беше еден од најпосакуваните градови за живот со културно-уметничка сцена, урбанистички решенија, втор град во поранешната држава по зеленило, најдобро место за забава на Балканот и динамика на живеење многу блиска до европските градови, се поставува едно логично прашање „Каде се згреши работата“? Мора да се признае дека и за оваа состојба, во која е нашиот главен град, потребно е мајсторство да се доведе! Одговорот е едноставен и на прва може да се одговори доколку сакаме и можеме да бидеме доволно самокритични и објективни.

Класификацијата на наши и ваши, твои и мои, подобни и неподобни низ изминатите години од осамостојувањето до ден-денешен без индивидуална одговорност, затскривајќи се успешно во колективната одговорност и морето на меѓупартиски лактања го претвори главниот град на Македонија, Скопје, во подредена улога во споредба со кој било главен град во регионот. Скопје, кој се гуши од урбан хаос, без сообраќајни решенија и затнати улици од возила, лош градски превоз без алтернативни решенија, недостаток на урбано зеленило, недостаток на прочистителни станици, несигурен за граѓаните во повеќе погледи трајно губејќи ја својата препознатлива енергија и душа станувајќи град на лузни и сеќавања.

И можеме уште многу да пишуваме за се тоа што му недостасува на нашето Скопје, но мораме да признаеме дека сите градоначалници/татковци на градот се избрани на демократски избори како и советници во градскиот совет со програми или без нив со скромни или мегаломански решенија. Треба да се истакне феноменот што се изроди последната деценија на сите изборни циклуси во Македонија е казнување на претходната гарнитура со кои било следни без разлика дали имаат програма и каква е визијата во следните четири години со нота само овие никогаш повторно да не биде. Мораме да признаеме дека партиските препукувања, расправии, опструкции е вообичаен декор на секое ниво и Дали граѓаните на Скопје заслужуваат метропола која во следните десетина години ќе стане пристојно место за живеење со истата душа и шарм кој некогаш го красеше?

Може и тоа треба да го сториме токму ние, граѓаните на градот Скопје најпрво со поддршка на независен кандидат кој ќе го заштитиме од партиските канџи и суетните партиски советници праќајќи силна порака до партиите дека се тие тука единствено поради нас и нашите гласови. Некој во овие зборови би забележал дека сепак Скопје имало самостојни кандидати за градоначалници и ништо не било подобро! Јас не зборувам за кандидати кои прво отишле да бараат поддршка од политичка структура, а потоа да ја објават својата кандидатура излепени по сите партиски штабови со учество на сите партиски митинзи и поддржани со партиски советнички листи за потоа инаетењето и опструкциите да бидат преку грбот на граѓаните толку кратковиди за да не видат дека го уништуваат градот во кој живеат. Тој филм веќе го гледавме и потребно е сите да извлечеме конечно една поука.

Ако сакаме Скопје да се изгради во посакувана метропола за живеење мораме да излеземе од својата комфорна зона и дадеме доволно позитивна енергија за промени која ќе осоколи независни кандидати, поддржани од голем број на интелектуалци на повеќе полиња за да се создаде креативна програма за развој на Скопје. Треба да го заштитиме со максимална поддршка од партиите и доволно проактивни да овозможиме граѓански активизам кој ќе осигури поддршка од советниците на градот бидејќи на сите ќе треба да им бидеме конструктивна опозиција која создава, гради и зближува. Ако сакаат партиите следните мандати да имаат следбеници и гласачи, ќе мораат да поддржат и работат за граѓаните и интересот на градот а нивните активности насочени кон подобро утре.

Сметам дека социјалните медиуми не овозможуваат позитивни промени туку лојалноста кон градот и нашата општествена одговорност мора да ја покажеме со секојдневни креативни примери на урбаното живеење кои ќе создаваат позитивна синергија. Да си го исчистиме дворот, местото пред зградата, да ја бојадисаме оградата, зачистиме пред нашиот двор, платиме давачки, опоменеме и насмевнеме, отпоздравиме и посакаме добар ден и позитивно влијаеме со градската култура која ја подзаборавивме. Потоа ќе го впериме со право прстот кон јавните претпријатија, директорите, работниците, советниците и градоначалникот и нивната работа.

Едно треба на сите да ни биде јасно!

Каков град ќе изградиме, во таков ќе живееме и оставиме на младите кои ако не видат некоја искрена позитивна промена, ќе си заминат од градот кој ќе остане само во сеќавањата. Имаме шанса нешто позитивно да промениме, бидејќи наесен ни се локалните избори на кои треба да креираме нова иднина на градот Скопје. Затоа имаме за што да се бориме. Ве повикувам да не апстинирате на локалните избори со изговор дека сите се исти, вртејќи грб и игнорирајќи ги независните кандидати кои имаат визија за подобро утре. Со тоа ја игнорираме моќта за одлучување и креирање на иднина која е во наши раце.

(авторот е универзитетски професор)

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ